24/04/2024
Македонија

Втора координативна средба со граѓанскиот сектор

Денес (18.6.2018) во рамките на своите задолженија Министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020, оствари средба со претставниците на ромскиот граѓански сектор.

Во однос на сработеното, Министерот Ахмедовски информираше дека по големи напори собрани се околу 20тина проекти кои се однесуваат на подобрување на условите во комуналната и патната инфраструктура во населбите каде е застапено ромското население. Распределени се 20 милиони денари во 9 општини со кои значително ќе се подобри комуналната инфраструктура како и безбедноста на живеалиштата на ромското население во овие општини.

Исто така потенцираше дека е започнат процесот на ревидирање на Националните акциски планови, кој произлезе како заклучок од првата средба со граѓанскиот сектор одржана во февруари 2018г.

Министерот Ахмедовски информираше дека во претстојниот период еден од главните фокуси ќе биде обезбедување на трајно сместување на лицата кои се привремено згрижени во јавни објекти во општините Кочани и Штип. Во оваа насока Кабинетот ќе учествува во подготовка на проекти во кои ќе бидат предвидени елементи за целосна интеграција на овие лица и како и интеграција на локалното население.

„Ова е почеток од нашиот нов и реорганизиран проактивен пристап кој секако дека треба уште да се доизгради но се надевам дека ќе бидеме поразлични од другите и на наредната средба ќе можеме да излеземе со уште вакви конкретни податоци за успешна реализација“ истакна министерот Ахмедовски.

Во рамки на средбата следеше дискусија околу зајакнувањето на комуникацијата и соработката со граѓанскиот сектор со цел да се обезбедат конкретни резултати во спроведувањето на јавните политики кои се однесуваат на Ромите во Македонија.

На крајот Министерот Ахмедовски ги повика граѓанските организации да земат активно учество во подготовката и спроведувањето на политиките кои имаат за цел да ја подобрат состојбата на оваа маргинализирана заедница. порака до нив да бидат отворени за меѓусебна координација со цел да се максимизира ефектот од нивните проекти и активности и да се зголеми бенефитот за крајните корисници-самата ромска заедница.

Целта на денешната средба беше информирање на граѓанскиот сектор за спроведените активности како и меѓусебна координација во насока на преземање на понатамошни активности.