17/04/2024
Охрид

WebOhrid – 5 години Ваш објективен прозорец

Пред точно пет години и сосема симболично на 12.12.2012 во 12 часот 12 минути и 12 секунди започна со работа електронскиот медиум WebOhrid. Датум кога со сосема скромни сили, но со голема љубов и со посветеност упорно и неуморно го отворивме нашиот прозорец на вистината.

Предизвикот беше уште поголем да се опстои од година во година, па така стигнавме и до овој јубилеј, 5 години постоење, со кое денес се гордееме.

Изразуваме голема благодарност кон нашите читатели кои беа постојано со нас и кои нè поддржуваа и храбреа изминативе пет години. Објективноста на WebOhrid нека биде мотив за вашата понатамошна доверба.

По повод роденденот на WebOhrid, повеќе јавни личности/институции упатија честитки до нашата редакција, за кои сме им благодарни и им ветуваме дека соработката ќе продолжи и во иднина, се со цел брзо, точно и објективно информирање на читателите. Еве дел од честитките:

Јован Стојаноски, градоначалник на општина Охрид

Изминатите 4-5 години колку сум вклучен во Локалната самоуправа, најпрво како советник во градскиот Совет, а и сега по стапувањето на функцијата Градоначалник на општина Охрид, секогаш сме имале одлична, извонредна соработка и коректна што е најважно од се, со електронскиот медиум WebOhrid. Посакувам и понатака истото тоа да се остварува, а воедно со сите медиуми да ја задржиме таа коректна политика и коректен однос кој што го има Општина Охрид во моментов во Охрид, а и пошироко во Р.Македонија.

Ви го честитам петтиот роденден и ви посакувам уште многу вакви јубилеи и да ги прославувате во уште подобри услови на живеење, што на некој начин ќе значи и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани во општина Охрид.

Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца

Почитувани, Дозволете да Ви ги упатам моите искрени честитки и желби, по повод Вашето 5. годишно успешно егзистирање на македонската медиумска сцена.

WebOhrid, изминативе години се докажа како сериозен и одговорен информативен портал кој цврсто опстојува на професионалното, објективното и непристрасно информирање со високо нормирани стандарди на отвореност кон читателите и институциите на системот, со што во целост ја заслуживте довербата на јавноста и исполнивте Вашата заложба да бидете објективниот прозорец на информирањето, грижливо работејќи во интерес на граѓаните и заедницата.

Со посебно задоволство и почит, ја потенцирам извонредната соработка што и досега Општина Дебрца ја има со WebOhrid и Вашиот придонес Општина Дебрца да биде претставена како вистински сервис на граѓаните, не сомневајќи се дека таа соработка ќе се продлабочува и во наредните години.

Ви посакувам многу успешни години. Продолжете да ја чувате професионалната чест и останете она што сте, медиум кој се чита и на кој му се верува.

Игор Бежоски, секретар на Општина Охрид

Поминаа пет години од кога функционира вашиот веб портал во медиумскиот простор. Јас, како локал патриот се информирам за сите настани и случувања во градот од локалните медиуми, а меѓу нив секако е и WebOhrid. Досегашната соработка со локалната самоуправа не можам да ја оценам, ние сме тука само два месеци, но верувам дека ќе известувате реално за работата на локалната самоуправа во новиот состав, дека ќе не критикувате и ќе посочувате кога ќе направиме некоја грешка. Во секој случај, како и со сите медиуми, ние како Општина Охрид сакаме да имаме коректни односи со седмата сила и да градиме едно партнерско работење, сè во интерес на граѓаните на Охрид. Ви посакувам искрени честитки и желби и во наредните години да продолжите со успех како и досега да не известувате со брзи, точни и актуелни информации. Бидете оригинални и свои и остварете ги сите цели кои ги имате поставено пред Вас. Да славите уште многу поголеми јубилеи и да се позиционирате во врвот на веб медиумскиот простор на градот, па и пошироко.

Жаклина Лазаревска, Пратеник во Собранието на Република Македонија

Соработката со Вашиот медиум беше на завидно ниво, професионална и сосема коректна, без никави забелешки.

За периодот од 2013 до 2016 година додека бев советник во Советот на општина Охрид, но и истовремено во истиот период бев задолжена за водење на Центарот за комуникации на ОО СДСМ Охрид можам да искажам само пофални зборови за Вашиот коректен и професионален однос, за Вашата интенција настаните да ги прикажувате во јавноста објективно, без спинување и вадење од контекст.

И ден денес Вашиот однос кон мене како пратеник остана на завидно ниво. Никогаш до сега кај вас не сум прочитала текст кој клевети, измислува, инсинуира и деградира било кого. Сте биле критички настроени, но само во интерес на вистината.

Вашиот медиум е пример како треба да функционира еден непристрасен и објективен медиум. Продолжете со ваквото работење и долго бидете присутни меѓу граѓаните и работете во интерес на вистината.

Ви посакувам и понатамошна плодна работа. Навремено, вистинито и содржајно пренесувајте им ги информациите на граѓаните, бидете огледалото кое го отсликува нивното секојдневие.

Да Ви се множат годините, имајте успех и среќа во работата!

д-р Томислав Тунтев, Пратеник во Собранието на Република Македонија

Почитувани, WebOhrid во изминатите 5 години израсна во еден од најсериозните локални охридски интернет портали. Сосема ненаметливо, бескомпромисно објективно и крајно професионално, WebOhrid навистина стана еден од моите секојдневни објективни прозорци кон реалноста во Охрид и пошироко. Во срамната, бескрупулозната и необјективната наезда на секакви сензационалистички, рекетарски и непрофесионални локални интернет “рекла-казала” портали, WebOhrid веќе половина декада и’ докажува на охридската читателска јавност дека новинарскиот занает може, треба и мора да се работи крајно објективно и професионално. Ангажираното, корумпираното и непрофесионалното новинарство, кое им служи исклучиво за задоволување на личните и дневно-политичките интереси на разни лоби групи и центри на моќ, никогаш во овие 5 години не најде место на WebOhrid, и јас сум им исклучително благодарен за тоа и високо ја ценам нивната трудољубивост, упорност и професионалност. Нека им е честит јубилејот, нека им се множат професионалните успеси и нека останат такви какви што се… сигурен сум дека нивната читателска публика континуирано ќе расте, а јас и понатаму секојдневно ќе се информирам од нивните страници.

Кирил Пецаков, претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид и советник при Општина Охрид

Во последниве 5 години од како постоите, ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид има генерално одлична соработка со WebOhrid и се надевам дека и понатаму ќе продолжиме да соработуваме.

Таа надеж ја базирам на овој краток период од 4 месеци од како сум претседател каде што одлично соработувавме, па сум убеден дека професионалноста и објективноста ќе биде ваш препознатлив знак и во наредниот период.

Ви посакувам уште 100 успешни години!

Илија Арнаудоски, советник при Општина Охрид

Оценувајќи ја соработката со WebOhrid во изминатите пет години, можам слободно да истакнам дека според мене, WebOhrid е кредибилитетен медиум, кој пренесува точни, објективни и непристрасни информации. Како составен дел од општеството, сметам дека WebOhrid успева да стигне до вистинските информации за квалитетно, точно и навремено информирање на јавноста. Освен тоа, WebOhrid претставува солиден извор на информации, активности и случувања, односно за сè она што ги интересира граѓаните.

За време на петгодишната соработка, секогаш наидувам на одзив за актуелните теми (изјави, пресови, соопштенијa за јавност…) што предлагам да бидат објавени и истите се објавени токму онака како што ги пренесувам, без влијание за било какви промени на содржината. При тоа, сметам дека во овој медиум се подеднакво застапени сите и сечии ставови и мислења и истите пред јавноста се презентираат на соодветен, интересен и лесно достапен начин.

WebOhrid е секогаш отворен за соработка, која резултира со обезбедено медиумско внимание затоа што новостите редовно се ажурираат. Комуникацијата со овој медиум е, исто така, на високо ниво без оглед на тоа дали се обраќам телефонски, по пат на е-mail или пак, е потребна ad hoc реакција. Честит јубилеј WebOhrid!

Филип Јовановски, советник при Општина Охрид

Соработката со WebOhrid уште од почетокот ми била на највисоко ниво. Дури и кога работев како новинар, со тимот на порталот имавме одлична соработка. За другиот дел, кога сум настрана од новинарството, можам да кажам дека објективноста и истрајноста се една од главните ваши одлики. Свежината во медиумскиот простор која ја внесовте е само мал придонес кон развојот на медиумите во Охрид и она од што читателите треба да се информираат.

Јас лично знам колку е тешко во едни вакви времиња да опстои еден медиум, посебно на локално ниво и затоа ви честитам во истрајноста и ви посакувам уште многу години да сте присутни на охридскиот медиумски простор.

Мишел Сиљаноски, советник при Општина Охрид

Најпрво да ви го честитам убавиот јубилеј и да ви посакам уште многу успешна работа. Охридскиот медиумски простор за среќа е еден од најплодните, имаме голем број на медиуми, и како телевизии, и како радија, а секако и како портали. Наша заложба од секогаш биле слободни, независни и моќни медиуми и во таа насока, ни е мило што најголемиот дел од охридските медиуми држат исклучително високи стандарди во однос на информирањето на охридската јавност.

Токму таква е и оваа петгодишна соработка со вашиот медиум. Максимално професионална и коректна.

м-р Оливија Пирузева Јанева, директор на ОУ „Христо Узунов“ – Охрид

Во ова модерно време, секојдневна навика ни стана да се приклучуваме на интернет во текот на денот често пати. Некои го препознаа тој момент, па отворија интернет портали. Во напливот на овие портали, секој корисник си го бара најдобриот и најобјективниот според сопствените убедувања. Па според тоа, мојата секојдневна навика стана да го посетувам мојот омилен медиум WebOhrid – поради брзото објавување на настаните, поради објективноста, потврдена со многу фотографии. Токму затоа Ви го честитам јубилејот и Ви посакувам уште многу години успешна и плодна работа, со која ќе привлечете уште поголем број читатели. Продолжете како и до сега, на вистинскиот пат сте. Честитки од срце…

Доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе, историчар

Најпрвин дозволете да Ви го честитам јубилејот 5 години WebOhrid и да ви посакам долги години плодна соработка. Имено морам да потенцирам дека бев дел и од првата година одбележување на Вашиот портал и уште тогаш знаев, а и тоа го реков дека токму Вашата професионалност, непристрасност, точност на информациите, брзина на самата информација ќе допринесе токму овај портал да има една постојана константа на читатели. Мора да признам дека низ 5 годишното постоење токму еден таков читател, а нескромно ќе кажам и дел од рубриките на WebOhrid сум и јас што ми преставува огромно задоволство. Но, сепак јас секогаш мора да пронајдам нешта што го стигматизира или издвојува Вашиот портал и сметам, а и тоа многу пати јавно сум го кажал е следново: покрај сите значајни информации кои пристигнуваат кај нас акцепторите, Вашиот портал се истакнува и преку прекрасните фотографии кои ги правите како дообјаснување на текстовите. Секогаш со воодушевување го согледувам опусот на фотографии кој изобилува со квалитет, перцепција за фотографирање, објаснување и дополнување на текстот и.т.н.

За WebOhrid може да се зборува уште многу во суперлативи бидејќи неговата покриеност на сите пори од општествениот живот се значајни за секоја една читателска поединка. И во моите размисли токму Вашиот портал сигурен сум дека ќе дочека уште многу јубилеи кои се надевам заедно ќе ги славиме.

Како што викаат и најдолгиот и најтешкиот пат започнува со првиот чекор, така и Вашиот портал преку овај јубилеј сигурен сум дека ќе продолжи кон многу временски подолги во кој дел ќе биде огромната читателска публика во која несомнено сум бил, сум и ќе бидам дел и јас.

М-р Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи Охрид

Почитуван WebOhrid, По повод значајниот јубилеј, 5 години од постоењето на Вашиот портал, Ви упатувам искрени честитки и Ви посакувам понатамошен успех во Вашата работа. Петте години на WebOhrid, ги гледам како Ваше напорно чекорење по патот на непристрасното и објективно информирање и како Ваш напорен труд кон зацврстување на професионализмот и отвореноста кон пребирливата Интернет публика, но и кон институциите на локално и национално ниво. Покажавте грижа и одговорност во информирањето и постојано се стремевте кон високите стандарди на професионалното новинарство. Ви посакувам и понатаму да опстојувате на тој пат, но и постојано да се едуцирате и да ги следите светските трендови во независното новинарство, бидејќи тоа е макотрпниот начин за добивање на довербата на јавноста и натамошен раст на порталот.

Во оваа прилика, сакам да ја потенцирам одличната соработка што Секторот за внатрешни работи Охрид ја има со Вашиот портал. Тоа е особено значајно ако се имаат во предвид заложбите за транспарентно и отчетно работење на СВР Охрид како вистински сервис на граѓаните и гарант на заштитата на човековите права и слободи.

Сашо Точков, директор на Јавно здравје и претседател на ОО на Црвен крст Охрид

Нека Ви е честит петгодишниот јубилеј и уште многу години успех и напредок.

WebOhrid е портал кој е секогаш достапен навремено и во целост да ги преземе и пренесе сите активности и информации кои даваат белег на работата на институциите, установите и сл., што всушност дава обележје на охридското секојдневие, но и пошироко. Тоа во многу влијае на креирањето и подигнувањето на свеста кај населението во најразлични сфери на живеењето.

Останете истрајни и посветени на вистината и јавноста.

Александар Маленко, претседател на Пливачка федерација на Македонија

Најпрво честитки за 5-годишнината, една петолетка од ваша страна со која што сте допринеле пред се за спортот и нашите спортисти на локално, национално и интернационално ниво, да ги приближите до нашите сограѓани и нормално до цела Македонија. Очекувам да се проширите, очекувам пред се согласно вашиот раст да растат и успесите на нашите спортисти, најпрво да имаме наши сограѓани таленти од повеќе спортови, тие во иднина да прераснат во врвни спортисти и да ја претставуваат Македонија на големи меѓународни натпреварувања. Имате искуство, но секако дека треба ваков тип на интернет портал/весник/гласник, кој што и самата Локална самоуправа би требало да се стреми кон осовременување и кон една потесна корелација, затоа што на спортистите им требаат новинарите, односно тоа е една кохезија, со тоа што самата Локална самоуправа сите свои проекти со ваша поддршка би излегле на површина. Без вашата страна ние како спортски работници, како национална спортска федерација, нормално и како млади таленти, не би можело да ги видиме на виделина, односно да ги препознаеме како би се занимавале со професионален спорт.

Димче Каневче, претседател на МСО Охрид

5 години, кога поминаа, а како вчера да беше кога скромно, но професионално се наметнавте во сите пори на секојдневното општење. 5 години, секогаш точни и навремени, неуморни, упорни, во потрага по вистината, во трка со времето и невремето. 5 години истрајни во искрената намера да сте на страната на читателите, кои се повеќе ги отвораат вашите страници, зошто видиците кои ни ги овозможувате се далекусежни. 5 години едноставни, а единствени, 5 години WebOhrid. Докажавте дека на врвот секогаш има место – вашето место е тука, меѓу нас.

WebOhrid продолжува и понатаму објективно, навремено и професионално да ги информира читателите.

Искрено Ваш WebOhrid