26/04/2024
Македонија

Заедничка промоција на концептот овластен економски оператор

Царинската управа на Република Македонија со Американската стопанска комора, на 9.10.2018 година организираше настан за промовирање на концептот на Овластен економски оператор, инициран и поддржан од Американската стопанска комора.

Беше презентирана можноста за примена на концептот, со оставена можност учесниците да настапат со конкретни прашања за подетално информирање.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски настапи со излагање и презентирање на тековната примена на концептот Овластен економски оператор, со осврт кон предизвиците и досегашните искуства, како и придобивките што како олеснување произлегуваат од неговата примена.

Беше искористена и можноста да се укаже на основните принципи на Царинската управа во поглед на промовирањето на олеснувањето на трговијата во услови на забележан тренд на глобализација на трговијата која се манифестира со економска поврзаност помеѓу земјите и зависност на економиите.

Концептот на Овластен економски оператор е еден од инструментите за олеснување на трговијата и со последните измени на Царинскиот закон, што се однесуваат меѓу другото и на критериумите за издавање на одобрение за овластен економски оператор, целосно се усогласени националните прописи со соодветните одредби за ОЕО на Царинскиот закон на Европската унија. Успешноста на примена на концептот зависи од интересот на компаниите да го применуваат, кои Царинската управа постојано ги охрабрува, како и од заедничките идни чекори што треба да се преземат.