20/04/2024
Македонија

Заменик-министерот Бајдевски дел од завршниот настан за одбележување на депортацијата на Евреите

Заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, се обрати на завршниот настан во рамки на Биталон- првиот Хакатон организиран во Македонија, којшто имаше за цел да искористи иновативни решенија за да раскаже една историска приказна трагична за сите нас.

Повеќе од 100 млади луѓе изминатите 2 дена посветено работеа на нови технолошки решенија, за оживување на настанот кога пред 75 години се случи најголемата депортација на евреите од Македонија.

„Министерството за информатичко општество и администрација работи постојано на нови проекти во областа на информатичкото општество. Наша цел е целосно дигитализирана Македонија. Само така ќе овозможиме полесно и поедноставно завршување на секојдневните обврски за граѓаните. За реализација на таа замисла нас ни треба помош и поддршка од млади, амбициозни, ентузијасти како вас“, истакна заменик-министерот Бајдевски. Тој ја поздрави соработката со израелската амбасада и амбасадорот Дан Ориан кои се постојан партнер на Владата.

„Заедно во Владата го реализираме проектот за младинска гаранција, што ќе им овозможи на младите луѓе по завршувањето на образованието да се стекнат со практично знаење. Исто така, во соработка со Фондот за иновации, работиме на реализација на проектот за отворање на технолошкиот парк во Скопје, којшто ќе биде сместен во централно градско подрачје и ќе претставува место каде компаниите ќе имаат можност да инвестираат во центар за истражување и развој и создавање нови технологии. Овој простор ќе биде од особено значење за младите, како место каде ќе можат да ги развиваат своите идеи“, информираше Бајдевски.

На настанот се обрати и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорот на Државата Израел Дан Ориан.

Хакатон натпреварот е под покровителство на Министерството за надворешни работи на Израел и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија, во соработка со Факултетот за информатички и комуникациски технологии-Битола.