16/04/2024
Македонија

Запленети девизи, облека, цигари и друго

Во текот на минатите две недели, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, делови за комбајни и багери, техничка стока, делови за компјутери, опрема за тетовирање, облека, цигари и свежи печурки.

Задржана е следната стока:

Девизи
– 7.300 евра, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на германски автомобил и личен претрес на возачот, грчки државјанин, пријавени за влез во државата. На прашање на царинските службеници, возачот пријавил дека со себе носи околу 400 евра, но во преграда помеѓу предните седишта на возилото биле пронајдени 15.500 евра, а кај возачот биле пронајдени уште 1.800 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот девизен прекршок поднесено е барање за поведување прекршочна постапка.

Цигари
– 70 штеки цигари, откриени во три одвоени случаи на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на чекираниот багаж на тројца македонски државјани, пријавени за излез од државата. 
Во првиот случај, во куфер на патник кој имал намера да отпатува со лет за Малме, биле пронајдени 30 штеки цигари со македонски акцизни маркички, во вотриот случај во куфер на патничка која имала намера да отпатува со лет за Лондон биле пронајдени 25 штеки цигари, од кои 15 штеки со македонски акцизни маркички и 10 штеки без акцизни маркички, додека во третиот случај при контрола на   куфер на патник кој имал намера да отпатува со исто така со лет за Лондон, биле пронајдени 15 штеки цигари со македонски акцизни маркички.
Во сите три случаи цигарите се привремено задржани,  а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Делови за комбајни и багери
– 191 резервни делови за комбајни (пиксни, чаури, стеги, штрафови, запчаник, филтри за гориво, масло и воздух, лагери, ножеви и друго), откриени при контрола македонски камион, натоварен со стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот, македонски државјанин, ќе биде поведена прекршочна постапка.

– употребувана хидраулична пумпа за багер, откриена при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавената пумпа, пронајдена во торба сместена во багажникот на возилото, е привремено задржана, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Техничка стока и опрема за тетовирање
– 182 парчиња техничка стока, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на два автобуси пријавени за влез во државата. 
Во првиот случај, при контрола на српски автобус, што сообраќал на редовната линија Белград – Скопје, во патна торба сместена во багажниот простор биле пронајдени 1 дисплеј-порт тип Dell WD15, 15 слушалки и 15 кабли за слушалки. Непријавените производи, сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

Во вториот случај,  при контрола на дански автобус кој сообраќал на редовната линија Копенхаген – Тетово,  во просторот за багаж на автобусот биле пронајдени 149 парчиња разни компјутерски делови (рам-мемории, процесори, мрежни картички и  хард дискови), 1 лаптоп и 1 мобилен телефон. Непријавените производи, сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, се предадени на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа, за понатамошна постапка.
– 2  употребувани машинки за тетовирање, 1 употребуван трансформатор за машинка за тетовирање и 102 игли за тетовирање, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски автомобил управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државта на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, пронајдени во ранец, сместен во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Облека
– 725 парчиња облека (пижами, тренерки и бањарки), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Турција, наменета за фирма од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Текстилните производи, кои не биле опфатени со царинските документи, се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поведено барање за поведување прекршочна постапка. 
Покрај тоа биле откриени и 87 детски комплети со ознаки на заштитени марки, кои биле привремено задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Согласно законските прописи, Царинската управа ќе поведе постапка за утврдување на оригиналноста на сомнителните производи.
– 64 парчиња облека (блузи, панталони и здолништа), откриени на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонска државјанка, која допатувала со лет од Виена. Непријавените производи се привремено задржани, а против патничката ќе биде поведена прекршочна постапка.

Свежи печурки
– 67 килограми свежи печурки, откриени при контрола на празно македонско товарно комбе управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените печурки, пронајдени во повеќе кеси сместени во товарниот дел и под совозачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.