25/04/2024
Охрид

Започна Министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба во Охрид

Со поздравни обраќања од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, премиерот Зоран Заев, в.д. заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, капетанот Горазд Бартол, денеска во Охрид и официјално започна Министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба со мото „Интеграцијата е целта, соработката е начинот“.

Пред четиринаесет години, со помош на нашите американски пријатели заеднички го започнавме патувањето што значеше интеграција во НАТО и тој процес сè уште трае, порача министерката за одбрана пред шефовите на делегациите на САД, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Словенија, Србија, Косово и НАТО.

„И покрај сите предизвици, можеме да кажеме дека Иницијативата е успешна, но не е завршена. Нашите пријатели, Албанија и Хрватска во 2008 година ја добија официјалната покана за членство во НАТО и се полноправни членки на Алијансата“, рече министерката. Додаде дека истата година БиХ и Црна Гора и се придружија на САД-Јадранската повелба, а Црна Гора од неодамна е и дел од НАТО.

Министерката се осврна на стратешката цел на државата – членството во НАТО, за што порача дека е клучен приоритет, и гаранција за регионалната безбедност, стабилност и развој. „На остварувањето на таа цел мора сите да работиме заедно и посветено. Сакам да подвлечам дека не бараме тоа членство да го добиеме како подарок, ниту тоа е стекнато право, туку да биде резултат на посветеност, исполнети критериуми и обезбедена домашна и политичка стабилност“, рече Шекеринска и додаде дека Македонија ќе покаже резултати и ќе докаже дека заслужува да стане 30. земја-членка на НАТО.

Премиерот Зоран Заев истакна дека Јадранската повелба беше причина за достигнување на стандардите и критериумите за членство во Алијансата. Додаде дека по чинот на недобивање на покана за членство, Македонија беше втурната во ретроградни политички процеси кои кулминираа со најтешката политичка криза во земјата досега, но и дека со помош на демократските сили и слободоумните граѓани, Македонија се издигна над кризата и продолжи да верува дека евроатлантските интеграции и регионалната соработка, се неопходни за долгорочна стабилност на регионот и целиот континент.

„Денеска Република Македонија стабилно и енергично чекори напред. Силно сме посветени на домашните реформи кои ја унапредуваат и зајакнуваат нашата демократија, за да бидеме во склад со политичките критериуми за членство во НАТО. Го зголемивме буџетот за одбраната и имаме одлучна политичка волја тој да се зголемува секоја година за 0,2% од БДП. Исто така одлучивме да го зголемиме нашето учество во мировните мисии“, рече премиерот.

Лора Купер, в.д. заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД истакна дека А5 е уникатна можност за продлабочување на соработката меѓу сојузниците и партнерите во регионот и дека игра водечка улога во доближувањето на Западниот Балкан во унија со Европа и НАТО. Таа потсети на посетата на заменик-претседателот Пенс на Самитот во Црна Гора, која покажува дека САД-Јадранската повелба ја исполнува својата намена, доближувајќи ги земјите од Западниот Балкан до НАТО-Алијансата.

„Сега Црна Гора и останатите регионални сојузници, Албанија, Хрватска и Словенија можат да го споделат искуството со другите А5 земји –аспиранти за членство во НАТО, вклучувајќи го нашиот домаќин Македонија како и Босна и Херцеговина кои се на патот кон евроатлантска интеграција. Се надевам дека ќе ја искористиме денешната дискусија да ги развиеме нашите и без тоа силни билатерални и регионални односи. Заедно со сите сојузници и учесници на денешниот министерски состанок нашата цел е да ја зајакнеме безбедноста на Западниот Балкан, да ја унапредиме интеграцијата во НАТО и да придонесеме кон колективната безбедност на Европа“, рече Купер.

Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, морнаричкиот капетан Горазд Бартол се осврна на вредноста на САД – Јадранската повелба која како што рече почива на најважните принципи на Алијансата – солидарноста и колективната одбрана, а зборуваше и за посветеноста на Македонија кон нејзината стратешка цел – членството во НАТО.

„Со амбициозната реформска агенда на Владата и нашата одлична соработка со министерката Шекеринска, како што ние ја нарекуваме „нашиот министер за НАТО“, веруваме дека сте сè поблиску до стратешкиот приоритет на вашата земја да станете 30. земја-членка на Алијансата“, рече Бартол.

Министерскиот состанок продолжува со пленарната сесија на шефовите на делегации на САД-Јадранската повелба, и земјите гости и набљудувачи, по што ќе се потпише и Заедничката изјава.