28/03/2024
Македонија

Започна процесот за подготовка на Национален оперативен план за широкопојасен интернет

Во тек е подготовката на Национален оперативен план за развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи во Македонија.

Четирите работни групи кои се формираа како резултат на објавениот повик за сите заинтересирани страни ги одржаа првите состаноци, на кои беше утврдена динамиката на работа, предизвиците и активностите за наредниот период.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, претседава со групата за утврдување слободни капацитети и нивно идно користење кај постојни електронски комуникациски мрежи и средства, изградени со јавни средства. На работниот состанок на групата, министерот Манчевски се осврна на потребата од мапирање на сите државни електронски комуникациски мрежи. Ова во насока да се искористат нивните слободни капацитети за понатамошен развој на електронските комуникациски мрежи и услуги на државните институции како и за потребите на приватниот сектор. Беше истакната потребата Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ да се усогласи со бродбенд таргетите на Дигиталната Агенда на ЕУ и новата стратегија за единствен дигитален пазар.

„Националниот оперативен бродбенд план треба да биде усогласен со претходните стратешки планови на ЕУ. Во таа насока мапирањето на државните електронски комуникациски мрежи и мапирањето на постојни и идни комерцијални електронски комуникациски мрежи е од суштинско значење, а особено за точното определување на ’белите’ зони, односно зони каде нема и не се планира NGA мрежи, во кои во иднина ќе треба да се вложат јавни средства за нивно покривање“, истакна Манчевски.

На состанокот се утврди потребата државните/јавни институции кои имаат електронски комуникациски мрежи да достават комплетни информации за своите телекомуникациски мрежи и во текот на месец март да се заврши постапката со нивно мапирање. После мапирањето, Министерот истакна дека е потребно да се утврди како најдобро би се искористиле слободните капацитети. Како крајната фаза, доколку останат расположиви ресурси истите би се понудиле за комерцијална употреба.

Останатите три работни групи се за утврдување мерки и активности потребни за воведување на 5G мобилна технологија, за обезбедување подобра координација на процесот на мапирање на територијата на Македонија со постоечки и планирани идни бродбенд електронски комуникациски мрежи и за утврдување предлог мерки за поттикнување и зголемување на интересот на граѓаните за користење бродбенд.