Започна првиот поетски камп „Поетски искри од огништето на Ванчо Николески” 2019

Со учество на десетина млади – основци и средношколци од нашата земја и повеќе земји на Балканот: Србија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Грција, денеска во Лескоец, крај Охрид, започна Првиот Балкански детско – Младински Поетски Камп: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески – 2019”.

Учесник е и малата Катрин Коли, од Глазгов Шкотска, рекордер во изучувањето на македонскиот јазик и спознавањето на македонскиот фолклор, која на присутните им ја испеа “Македонско девојче”.

Пригодна програма имаа учениците од ОУ во Лескоец, кое го носи името на Ванчо Николески, основоположник на литературата за деца и млади во Македонија.

Организатор на манифестацијата, која ќе трае до четврток, е Здружението за култура и литература “Мацково”, во соработка со општините Охрид, Дебрца и Вевчани, како и со финасиска поддршка на Министерството за култура, спонзори и помагатели.

„Целта е да се обнови споменот кон писателот – втемелувач на литературата за деца и млади, легендарниот Ванчо Николески, низ заедничко другарување и создавање творештво на деца и млади од поширокиот балкански регион,“ – нагласи на отворањето претседателот на Здружението, новинарот и публицист, Веле Митаноски.

На свеченоста говореа директорката на училиштето, Елена Ел Нади, градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, како и Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, како внук на првоборецот од НОВ и ПОМ Трајче Трајчески, опеан како курирчето Трајче во култниот роман на Ванчо Николески “Волшебното самарче”.

На чинот на свечениот почеток на Кампот, беа прочитани писмените Посланија на генералниот секретар на Светската академија за поезија на УНЕСКО, госпоѓа Лаура Троиси, односно на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендароски.

„Со задоволство ја примив поканата за свеченото отворање на Балканскиот детско – младински поетски Камп “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески- 2019”. Но, поради претходно преземени обврски, за жал, не сум во можност лично да присуствувам на оваа свеченост. Со оваа порака како претседател на Република Северна Македонија би сакал да ве поздравам, затоа што оваа значајна манифестација ни дава можност за средба со богатиот творечки опус на Ванчо Николески, македонски писател, претставник на првата повоена генерација македонски писатели за деца и младина.“ – пишува претседателот Пендаровски.

Според него, целта на оваа благородна мисија е заедништво и другарување на децата и младите од поширокиот балкански регион, од Република Северна Македонија, Бугарија, Србија, Грција и Црна Гора.

Тој упати поздрави и благодарност до Здружението за култура и литература “Мацково”, од Охрид, иницијаторот за оддржување на ваков камп, единствен досега на балканските простори, но и до Катрин Коли, од Глазгов Шкотска, рекордер во изучувањето на македонскиот јазик и спознавањето на македонскиот фолклор .

„Ова е и во духот на нашата заедничка цел – да градиме слободно, праведно и напредно општество во кое секој ќе биде почитуван, секој ќе биде прифатен и секој ќе има шанса за творење. Овие млади луѓе, ќе го обноват споменот за основоположникот на литературата за деца и млади, легендарниот Ванчо Николески. Ние сите учевме за „Волшебното самарче“, „Братската дружба“ и „Чудните случки“, ги читавме „Дедовите приказни“ и ,„Македонче“, првата збирка песни за деца на македонски јазик, издадена во далечната 1946 година.“ – напиша во своето Послание претседателот Стево Пендароски.

Генералниот секретар на Светската академија за поезија на УНЕСКО, д-р Лаура Троиси, во своето Послание напиша:

„Првиот младински балкански камп „Ванчо Николески“ (16-20 јуни 2019) ги обединува младите поети и писателите за деца, а кои доаѓаат од различни земји на Балканот. На сите учесници во кампот им посакуваме пријатен престој во Охрид и притоа уште добра меѓусебна соработка со цел остварување на предвидените програми и цели. Оваа пријателска и творечка средба би требало да послужи како пример за сите луѓе со добра волја, писатели и други балкански уметници, кои преку размената на нивните идеи и творечките резултати, ќе ги потврдат својот јазик и литература, дури и малите по бројност нации, за да бидат подобро запознаени и почитувани. Светската академија на поезијата на сите ви посакува да живеете во мир пријателство и успех,“ – напиша Лаура Троиси.

Со писмено Послание се огласи и членот на Светската академија и претседател на Одделот засловенскиот свет, Мајо Даниловиќ,

„Нека вашата средба, единствена на Балканот, ги собере луѓето, децата од добра воља, поетска посветеност креација и нека прерасне во убава традиција. Нека гласовите во Охрид, Лескоец, Вевчани, Дебрца, Црвена вода, зборуваат љубов, гласот нека се чуе, љубов што персонификува. Звоната исконски, во славата на љубова тена звонат. За љубовта таму нека се пее! Ода на животот, на убавината на живеењето љубовта да се придодаде, љубова нека со љубов љуби,“ – напиша познатиот книжевник Даниловиќ.

Тој упати топли поздрави до присутниот вник на опеаниот лик – Трајче Трајчески – малиот курир од романот, Бранко Азески.

Учесниците положија цвеќе на гробот на Ванчо Николески, во Охрид, додека делегација на Сојузот на борците и поддржувачи, предводена од претседателот на Општинската организација за Охрид и Дебрца, Гоце Ѓорѓиески, положи цвеќе на гробот на Трајче Трајчески – курирчето Трајче.

Тие денеска создаваа во Вевчани, каде ги прими градоначалникот Сашо Јанкоски, а го посетија и седиштето на СВП.

Веле Митаноски

This slideshow requires JavaScript.