Започнува кампањата „Помислете и на нас“ со активности за прибирање храна и материјални средства

По повод Светскиот Денот на борба против гладта, 16 октомври и Недела на борба против гладта (16-22 октомври), под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС“ Црвен крст Охрид од денес ја започнува кампањата за помош на најсиромашните наши сограѓани.

Активностите се насочени кон прибирање на финансиски средства преку продажба на вредносни бонови и прибирање на доброволни прилози наменети за набавка на прехрамбени производи за подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.

Исто така, Во текот на Неделата на борба против гладта од 16-22 октомври, во повеќе маркети во Охрид ќе бидат поставени видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да ставаат-донираат прехрамбени производи наменети за помош на социјално загрозените семејства.

Гладта е најекстремна форма на сиромаштија каде поединецот или семејството не се во состојба да ги задоволат основните потреби за храна.

Иако храната е основното човеково право, сепак стотици милиони луѓе ширум светот секојдневно гладуваат, а секои 3,6 секунди некој умира од глад.

Гладни и сиромашни има и во нашата земја и во нашиот град.

Сето ова е причина повеќе, барем повремено да помислиме и да направиме нешто за оние на кои им треба подадена рака за будење на надеж дека не се сами, дека некој мисли на нив. Барем за миг да ја вратиме насмевката на нивните тажни лица.

Од Црвениот крст Охрид упатуваат апел до граѓаните, фирми, институции, да се вклучат во хуманитарната собирна акција, во Неделата на борба против гладта и дадат свој придонес, според можностите, во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.