Започнува нов циклус од програмата „Млади лидери создаваат иднина“

По успешно завршените два циклуси од програмата „Млади лидери создаваат иднина“, Црвен крст Охрид започнува со нов циклус на спроведување на оваа програма за млади.

Програмата „Млади лидери создаваат иднина“ е наменета за ученици од деветто одделение до трета година средно образование. Црвен крст Охрид ја нуди оваа програма со цел да им овозможи на младите охриѓани да ги зајакнат своите лидерски вештини и како лидери да земат учество во живеењето на заедницата, како и да стекнат вештини и ресурси потребни за да се стремат кон компетитивни работни кариери.

Во текот на петнаесет седмици, колку што ќе трае претстојниот циклус на реализација на Програмата, учесниците ќе посетат четиринаесет работилници одржани од одлично подготвени обучувачи и дизајнирани за јакнење на животни, работни и вештини за граѓанско лидерство; ќе присуствуваат на Панел за кариера за време на кој неколку успешни сограѓани ќе зборуваат и ќе одговараат на прашања за својот кариерен пат и за образовните квалификации и вештините потребни за да се успее во нивните професии; ќе добијат можност да ги применат новостекнатите знаења самостојно разработувајќи и остварувајќи идеја за проект од корист за заедницата; ќе проследат презентација изработена од надворешни соработници за да дознаат повеќе за можностите за едукација, волонтирање и работа за младите луѓе од нашата држава.

Учеството во програмата „Млади лидери создаваат иднина“ е бесплатно.

Сите заинтересирани денес, 14.02.2020 во 19:30 часот во просториите на Црвен крст Охрид може да присуствуваат на презентација на програмата.

Во прилог е и линкот за пријавување за учество во програмата:

https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSea3_i1cNxycJ6mL0QabCne_JcLWEq4qJ_qIteThtxTLEsMkw/viewform?vc=0&c=0&w=1