Започнува пријавувањето за учество на третото издание на „Охрид трчаТ“

Од денеска, официјално започнува пријавувањето за учество на третото издание на Атлетската манифестација „Охрид трчаТ“ која ќе се одржи на 2 јуни следната година. Вљубениците во трчањето, луѓето со позитивен дух и енергија, сите спортисти и рекреативци своето учество можат да го пријават исклучиво онлајн на интернет страната Ohridtrcat.mk.

Заинтересираните за учество на Атлетскиот викенд, „Охрид трчаТ“ ќе можат да се пријават на трката 5 и 10 километри или тим билдинг трката на 5 и 10 километри. Стартниот пакет за трката на 5 километри и тим билдинг трката на 5 километри до 31 јануари изнесува 400 денари, до 31 март чини 500 денари, а до 26 мај кога е последен ден за пријавување е 600 денари. Стартниот пакет на трката на 10 километри и тим билдинг трката на која учествуваат најдобрите атлетичари од нашата земја и многу атлетичари ширум светот ќе чини 700, 800 односно 900 денари според датумите од трката на пет километри. За најдобрите во трката на 10 километри има и парични средства и награди од спонзорите кои се објавени на официјална страна.

Третото издание на „Охрид трчаТ“ ќе претрпи одредени измени во настаните кои се во склоп на настанот. Трките на различностите и средните училишта ќе останат и Детската трка исто така, луѓето позади сцената на „Охрид трчаТ“ ќе имаат свој ден, а мала промена ќе има во Ноќната трка, која ќе се одржи во петок на 31 мај два дена пред главниот настан на 2 јуни. На 1 јуни (сабота) сите пријавени на определено место ќе си ги подигнат стартните пакети и ќе одбројуваат до почетокот на најголемата спортска манифестација во Охрид.

Пријавете се и трчајте, забавувајте се и уживајте во Охрид !