19/04/2024
Охрид

Започна уредувањето на депонијата „Мауцкер“

Општина Охрид и ЈП „Охридски комуналец“ денес започнаа акција за расчистување на депонијата „Мауцкер“.

Во моментов ја изработуваме физибилити студијата која што сметам дека на долг рок ќе биде една од алтернативите за комплетно решавање на ситуацијата со отпадот во нашиот град и со тоа ќе имаме еден правилен план за управување со отпадот. Во тој дел е содржано расчистување на дивите депонии, од кој што две главни се „Мауцкер“ и „Буково“. Во втората фаза имаме разрешување на градежниот шут и во третата фаза веќе сметаме според резултатите од физибилите студијата да се инвестира самостојно или партнерски во планското управување со отпадот, изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

Со оваа акција се очекува дивите депонии кој што секој дневно се создаваат низ градот, да бидат минато.

Денес започнува решавањето на еден горлив проблем на општина Охрид, а тоа е решавање на депониите. Се започнува со депонијата „Мауцкер“. Планирано е да се изврши порамнување на околу 16 000 метри квадратни градежен шут и тампонирање на 7 000 метри квадратни со 2 500 метри кубни квалитетна земја. Исто така предвидено е 5 000 метри кубни градежен шут да биде дислоциран на друга локација во рамки на депонијата „Мауцкер“, рече директорот на ЈП „Охридски комуналец“, Љупчо Грданоски.

По завршувањето на акцијата, ЈП „Охридски комуналец“ постојано ќе ја одржува депонијата за да се задржи во првобитната состојба.

За жал изминатиот период на граѓаните не им беше дадена алтернатива за депонирање на градежниот шут. Единствена алтернатива беше одлагањето во депонијата „Буково“, меѓутоа тоа не е соодветна алтернатива бидејќи за мала количина не им се исплаќа да одат до таму и градежниот шут го оставаа крај самите контејнери. Меѓутоа, со депонијата „Мауцкер“ тој проблем ќе биде решен, додаде Грданоски.

Апликацијата на општина Охрид до министерството за животна средина, која се однесува за отпочнувањето на расчистувањето на депонијата на „Мауцкер“, беше прифатена и министерството додели повеќе од два милиони денари поделени во неколку фази.