28/03/2024
Охрид

Започнуваат нови подводни и дендрохронолошки истражувања на локалитетот „Плоча-Миќов Град“

Локалитетот „Плоча-Миќов Град“ кај Градиште е предисториска наколна населба, којашто е датирана во периодот од крајот на бронзеното време и почетокот на железното време. Според релативната хронологија населбата била активна во периодот околу 1000 години п.н.е, односно пред 3000 години. За разлика од останатите населби во овој период, каде што градбите се од камен или плитар, таа е изработена од масивни дрвени колци на кои се поставувале платформи за една или повеќе куќи. Населението произведувало керамички садови за чување и готвење на храната, а од овој материјал се изработувале и тегови користени за рибарските мрежи. Според својата локација и ваквите керамички тегови, може да се заклучи дека жителите на оваа населба најмногу биле концентирани на риболовот.

Првите археолошки ископувања на локалитетот „Плоча-Миќов Град“ се реализирани пред петнаесетина години кога се востановени неговите архитектонски карактеристики и обележјата на материјалната култура. Врз основа на овие археолошки ископувања направена е реконструкција на локалитетот којашто и денес привлекува голем број гости. Минатата година започнаа нови истражувања на населбата што ќе се надоврзат на претходните сознанија и натамошно ќе ги надополнуваат со нови софистицирани археолошки методи, а коишто од оваа археолошка кампања вклучуваат дендрохронолошки и радиокарбон анализи, како и ГИС мапирање и фотограметриско документирање. На тој начин ќе се овозможи сосем нова перспектива за времето во кое функционирала оваа предисториска наколна населба, но исто така и за нејзиниот изглед и за заедницата којашто егзистирала во неа.

Покрај примената на нови археолошки методи, една од целите на овогодинешното истражување е приближувањето на археолошките проучувања и методи до пошироката јавност. Поради тоа секојдневно ќе има отворен јавен час на локалитетот во когошто дендрохронолошката лабораторија и методите на истражување ќе им бидат презентирани на гостите. Тоа ќе овозможи сите заинтересирани љубители на минатото да се запознаат со процесот на истражување на една наколна населба, но и да дознаат повеќе за времето и начинот на живеење во предисторијата.

Новиот меѓународен проект е во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид. Во проектот за првпат ќе бидат применето дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик. Во рамки на проектот ќе се врши фотограметриско и 3Д моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба. Како резултат на овој проект ќе се формира и дендрохронолошка лабораторија во Музеј на Македонија, во која обучени македонски стручњаци ќе ја применат оваа метода во повеќе сфери на материјалната култура изработена од дрво, како што се археолошките артефакти и структури, иконите, инструментите, покуќнината итн.