29/03/2024
МакедонијаСтруга

Затворени нелегални обложувалници во Струга, Кичево и Дебар

Осум диви обложувалници во Струга, Кичево и Дебар, беа цел на акциските контроли на тимови од полициски службеници и инспектори на УЈП. Акциската контрола беше реализирана на 30-ти минатиот месец во врска со Законот за приредување на игри на среќа-обложувалници и забавни игри.

Во шест нелегални обложувалници, инспекторите констатирале дека организаторите на обложувањето имале работници на пулт кои наплатуваат и издаваат друга документација за обложување. Ниту еден од организаторите на обложувањето немале лиценца и друг вид одобрение за приредување на игрите на среќа. Инспекторите од УЈП извршија увид во затекнатата состојба со обложувањето, опремата, затекнатите пари од промет по што оформија записници и друга потребна документација.

Од нелегалните обложувалници, поради незаконско работење и спротивно на Законот за игрите на среќа и забавните игри, од страна на УЈП одземени се пари, телевизори, компјутери, монитори, печатачи и друга опрема. УЈП согласно Законот за игрите на среќа и забавните игри, донесе решение за забрана за работата и приредување на игри на среќа и забавни игри и запечати две нелегални обложувалници во Кичево и во селото Стрелци, три диви обложувалници во струшките села Велешта и Корошишта и една во Дебар.

Една нелегална спортска обложувалница во Кичево не работела, а во другата била констатирана пренамена на дејноста.