20/04/2024
Македонија

Завршен првиот ден од работната посета на МНР Димитров на Кралството Холандија

На првиот ден од работната посета на Кралството Холандија, МНР Никола Димитров оствари средба со Генералниот директор на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW), Ахмет Узумџу.

Министерот Димитров на претпладневната средба изрази целосна поддршка за работата на Oрганизацијата – добитник на Нобелова награда за мир во 2013 год. „Го поздравувам вашето лидерство – се’ поважно во овие неизвесни времиња кога рамката на мултилатерализмот е разнишана“- истакна Министерот. На средбата беше разговарано за важните напори кои Организацијата ги презема во насока на имплементација на Конвенцијата за хемиско оружје. Министерот Димитров ја истакна посветеноста на Република Македонија во овој процес изразена и преку нашата актуелна координација на Источноевропската регионална група во Организацијата.

Dimitrov Üzümcü 034

МНР Димитров имаше и обраќање на реномираниот Холандски институт за меѓународни односи – Клингендал. „Актуелниот напредок на реформите во Република Македонија може да има само позитивна корист од примената на Холандската формула заснована на строгост и фер пристап- јасно идентификување на знаци на уназадување и недоволен напредок, но истовремено и вреднување на постигнатото. Искуството со кризата донесе зрелост во нашиот пристап. Не сакаме да станеме ЕУ земја членка само заради членството. Потребен ни е процесот на пристапување, кој што во основа претставува алатка за трансформирање на нашата држава во Европска демократија“.

Dimitrov Clingendael Institute

Работната посета на МНР Димитров во Кралството Холандија продолжува утре со средби со министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, обраќање пред членовите на Комисијата за европски прашања во Парламентот на Холандија, како и средби во Министерството за одбрана и холандското МНР.