28/03/2024
Охрид

Заврши дваесет и четвртата седница на Советот на општина Охрид

Со седумдесет и седум точки на дневниот ред, Советот на Општина Охрид ја одржаа 24 –та седница. Советниците најголем дел од својата работа, посветија на усвојување на одлуки за донесување на урбанистичко плански документации за вклопување на бесправно изградени објекти. Пред почетокот на седницата, в.д. градоначалник Константин Георгиески, во изјава за медиумите посочи дека дневниот ред ќе претрпи измени со дополнување, но и со изземање на две точки, од кои едната за легализација на објекти во авто – кампот “Градиште“ предизвика особен интерес.

„Иако стручните служби солидно ја подготвиле информацијата за легализација на објекти во авто – кампот “Градиште“ и прибавени се позитивни мислења од сите институции, сметаме дека поради новиот состав кој треба да биде избран во Комисијата за денационализација, овие точки треба да ги повлечеме од седницата и да ги разгледуваме во периодот кога ќе прибавиме мислење од новите членови на комисијата“. – истакна Георгиески.

Седницата беше дополнета со предлог одлуки за: План и програма за контрола на популацијата на бездомни кучиња на територијата на Општина Охрид, предлог одлуки за пренесување на правото на користење на повеќе наменски возила на ЈП “Охридски комуналец“ и три точки од урбанистичката сфера.