19/04/2024
Охрид

Заврши манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца

Со настапот на охридскиот градски хор VOX LICHNIDOS под раководство на диригентот Бурим Хидри во саботата вечерта во Трпејца заврши седмото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“.

Последниот ден од манифестацијата беше и најбогат. Освен прошетката по „Стариот турски пат“ кој ја поврзува Трпејца со Свети Наум попладнето се одржа Малиот пливачки маратон а со изложба беше заокружена и работилницата „Цртаме на зајдисонце“ со уметникот Слободан Пупиноски.

Годинава за прв пат во Трпејца под раководство на актерката Марија Новак се одржа четиридневна театарска работилница „Театар на отворено“ а како плод од неа беа изведени две едночинки работени по мотиви од народните приказни за Итар Пејо. – Децата од Трпејца покажаа невиден талент, вели Новак и се надевам дека кај некои од нив ќе расне желбата за актерството.

Вечерта во публиката беа и колешките на Марија популарните ликови од македонските народни приказни актерките: Шенка Колозова и Снежана Киселички.

Час потоа во избор и интерпретација на Марина Димовска – филолог од Охрид присутните уживаа во поетската реч посветена на Езерото и водата а напишана од бројни познати македонски и светски поети.

Во чест на поезијата а во соработка со НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид организаторите на присутните во публиката им подели голем број книги од охридски и македонски поети. И на тој начин е поддржана мисијата на библиотеката да е поблиску до потенцијалните читатели.

Во текот на деветте дена од манифестацијата беа одржани близу триесеттина настани кои го привлекоа вниманието на мештаните и туристите, со што организаторите од Здружението „За Трпејца со љубов“ се посебно задоволни.

Покровител на културно забавното лето „На зајдисонце“ беше Општина Охрид а годинава за прв пат делот од настаните од културата беше помогнат финансиски од страна на Министертството за култура на РМ.