Заврши симулациската вежба за справување со болеста лигавка и шап

Со поддршка на Европска комисија за контрола на болеста лигавка и шап (ЕуФМД) при Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, Агенцијата за храна и ветеринарство денес, во Струмица, успешно ја реализира Симулациската вежба за лигавка и шап.Преку теоретскиот и практичниот дел од вежбата кој се реализираше на краварска фарма, со помош на експерт од ЕуФМД, стручни лица од секторите за инспекциски надзор, за здравствена заштита и благосостојба на животните, официјални ветеринари, претставници од лабораторијата при Факултетот за ветеринарна медицина, од македонската ветеринарна комора и од ветеринарните друштва, извршија тестирање на и зајакнување на воспоставениот систем и мерките за контрола и справување со болеста Лигавка и шап. Во рамки на практичниот дел од важбата разгледани беа мерките кои се преземаат од страна на официјалните лица при евентуална 

појава на болеста. Се вежбаше клинички преглед на животните, земање, пакување и транспорт на мостри, а се контролираа и критериумите за спроведување на депопулација на фармите ( убивање и нештетно отстранување на убиените животни), како дел од мерките за справување со оваа болест. На симулациската вежба, акцент беше ставен и на спроведувањето на епидемиолошка истрага и комуникација на надлежните ветеринарни власти со лабораториите.

Преку реализација вежбата, Агенцијата за храна и ветеринарство изврши проверка на оперативноста на националниот план за справување со оваа болест, детектирајќи ги слабостите и недостаоците и креирајќи мерки за нивно надминување и обезбедување на ефикасен систем на превенција, контрола и висок степен на заштита.

Република Македонија преку оваа вежба се вброи во пилот земјите каде се спроведуваат ваков тип на симулациски вежби, како дел од активностите на таканаречената Патека на подготвеност за следење на болеста која ја реализира ЕуФМД.