Чекоштина урбан: Наидовме на ѕид на молчење и игнорирање од страна на локалната самоуправа, градоначалникот и советот

     Помина половина година од нашето формирање и за тоа време ни се приклучија четириесетина членови.

     Од самиот почеток се обидуваме да воспоставиме контакт заради соработка со органите на локалната самоуправа, градоначалникот и советот. Наидовме на ѕид на молчење и игнорирање.

     Со писмо од 02.02.2020 побаравме да се решат три основни проблеми: да се почне со проектирање и изградба на нов мост наместо постоечкиот Алтанин мост, да се осветли опасниот и руиниран потег на патот кон с.Орман, од Туристичка до мостот и да се воведе систем на улици, согласно деталниот урбанистички план.

     Неколку пати, во долгиов период до денес, ургиравме да добиеме одговор. Безуспешно!

     Во нашето последно писмо од 30.06.2020 укажавме и на законската обврска на органите на локалната самоуправа да се изјаснат по иницијативата. Пак ништо!

     На овој начин сакаме да ја запознаеме јавноста со нашиот револт од крајно арогантниот игнорантски однос, пред се‘ на градоначалникот. Тој со своето нечинење увреди голема група граѓани на својата општина. Но истовремено и ја злоупотреби својата положба, нанесувајќи ни штета по разни основи. Одбивањето дијалог со оние на кои треба да им служи, што треба да му претставува чест и обврска, зборува за, благо речено, неодговорност и непристојност.

     Очекуваме ова наше обраќање конечно да ја разбуди свеста на локалците дека ние сме граѓани на општината со еднакви права како и сите и дека нашите проблеми се еднакви со проблемите на другите и дека се должни да пристапат совесно, со потребното внимание и да се зафатат со нивното решавање во границите на можностите и во фер постапка.

     Однапред да напоменеме дека вирусот, изборите, активностите околу рушење и градење, приемот на Тимоние, Шеќеринска, Жбогар и сл. – воопшто не се аргументи за неизвршувањето на основните задачи. Сигурно е дека еден телефонски разговор, еден прием на делегација од половина час и малку организација на работите немаше да ја исцрпат работната способност и енергијата на одговорните. Ако ништо друго, предлогот за именување на улици може да се направи од канцеларија, дури од дома!

⋅ ⋅ ⋅ 

Прилог: писмо од 30.06.2020 г.

    Здружение Чекоштина урбан, Охрид

     Почитуван госп. Градоначалник,

     Со писмо од 02.02.2020 се обративме до Вас и до Советот. Во писмото наведовме три предлог-барања за решавање на виталните проблеми на жителите и корисниците на недвижнини во месноста Чекоштина. 

     Откако немаше реакција ниту од Вас, ниту од Советот, Ве потсетивме на нашето писмо со нов допис од 02.03.2020 г.

     Бидејќи и понатаму нема одговор, побаравме преку Вашата секретарка, Изабела, да воспоставиме телефонски контакт со Вас за да се договориме за можната соработка. На неколку ургенции таа одговараше дека Ве информирала за нашето барање, дури праша (во англиски стил): -Како можам да ви помогнам? 

     Не очекуваме помош од неа, ниту од Вас! Бараме да постапите согласно Законот за локалната самоуправа, чл. 26 и чл. 29 и, во што е можно покус рок, да примите наша делегација од два члена.

    Со почит, Иван Огненов, претседател на Здружение Чекоштина урбан

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.