28/03/2024
Писма/Колумни

Здружението на поддржувачи на ликот и делото на Јосип Броз – Тито, огранок Охрид реагира на предлог одлуката за преименување на охридскиот Кеј „Маршал Тито“

Здружението на поддржувачи на ликот и делото на Јосип Броз – Тито, огранок Охрид, најостро реагира на предлог одлуката за преименување на охридскиот Кеј од „Маршал Тито“, во „Македонија“. Неставајќи го под знак прашање значењето на името на нашата земја, со кое со векови наназад се иденфитикувале сите генерации кои живееле на овој простор, сметаме дека Кејот „Маршал Тито“ не треба да се преименува, од причина штo на тој начин се деградира името на еден од најзаслужните луѓе за постоењето на Република Македонија. Името на нашата држава, сите гордо го носиме и го промовираме во светски рамки. Тоа е нешто што засекогаш ќе остане во нераскинлива врска со нашиот идентитет и со припадноста кон македонската нација. Но, бришењето на Јосип Броз – Тито значи оспорување на цел еден период од 50-годишна историја, и навреда на спомените на илјадници Охриѓани, кои најчесто се врзани со овој Кеј.

На крајот на краиштата, кога името на државата е МАКЕДОНИЈА, и кога сите ние како МАКЕДОНСКИ народ стоиме цврсто обединети зад ставот дека тоа е нашиот најсветол симбол и најголем репрезент, не гледаме зошто од една од најфреквентните градски локации, би требало да се отстрани името на Јосип Броз – Тито, кој своевремено бил голем љубител на Охрид, и кој го промовирал градов на многубројните светски државници, кои доаѓале во посета на поранешна Југославија.

Упатуваме апел до советниците во општинскиот Совет, како претставници на граѓанската волја да застанат против ова преименување, затоа што, доколку дојде до тоа тие ќе ги избришат и сеќавањата на половина од историјата на нашиот град.

Со почит,
Здружение на поддржувачи на ликот и делото на Јосип Броз – Тито, огранок Охрид.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.