Женското претприемништво клучно за економскиот раст во земјата

По повод одбележување на месецот на жената и јакнење на женското претприемништво, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска оствари средба со претставнички на Здружението на бизнис жени, на коешто претседателка е Валентина Дисоска. Тргнувајќи од фактот дека главна цел на ова здружение е економското јакнење на жената преку развој на женското претприемништво, на средбата директорката на УЈП и членките на Здружението разменија идеи за унапредување и зајакнување на меѓусебна соработка. На средбата се разговараше за актуелната позиција на жената во македонското претприемништво денес. Двете страни утврдија дека е потребно да се обезбеди поддршка и промоција на жените претприемачи во Република Северна Македонија, земајќи предвид дека женското претприемништво е клучен фактор за економскиот раст.

Процентуално, Во Република Северна Македонија, повеќето жени се сопственички на микро и мали компании преку кои заработувачката е мала. Токму затоа на средбата се разгледаа и можности за зајакнување на женското претприемништво како и за охрабрување на жената претприемач. Здружението на бизнис жени е оформено и активно делува од 2010 година и има над 350 активни членки и над 1000 следбенички.