20/04/2024
Писма/Колумни

З’ш ти ни го кроиш минарето

З’Ш ТИ НИ ГО КРОИШ МИНАРЕТО
(Повод: Објавениот текст “Ниско ми го скрои минарето“, автор Сашо Орданоски)

Здружението на граѓани “СОВЕСТ“ од Охрид е изненадено и зачудено од содржината на текстот, “Ниско ми го скрои минарето“ од авторот Сашо Орданоски, објавено во медиумите на 27 ноември 2017 година. Авторот првпат влегува во авантура да коментира, прекорува и подучува што да прават охриѓани во врска со спорната, сомнителната и наводна реконструкција и конзервација на Али Пашината џамија во Охрид. Користејќи одредени историски факти за времето на изградба на џамијата, а притоа злоупотребувајќи ја историската наука, С.О. на читателите им сугерира дека историјата во Охрид започнала со доаѓањето на османлиите во градот. “Заборавил“ дека не само тука, османлиите граделе џамии користејќи ги темелите и атрактивноста на локациите, каде една друга култура изградиле цркви. Ајде уште малку историја: Таа црква (посветена на Св. Никола) е градена на локација на ранохристијанска базилика, трипати постара од Али пашината џамија.

Ние мислиме дека С.О. е атеист и добил порачка од некого да ја брани идејата и реализацијата во Охрид, во центарот, во чаршијата да се крене минаре, дар на Турскиот естаблишмент, кој според авторот на текстот ја води Турција…“ на добар пат да стане една од понадежните недемократски теократии, на чело со новиот политички султан…“.

Консултиравме медиумски експерти, кои ни открија дека С.О. пишувал текстови по порачка. Не е единствен кој што за малку или малку повеќе пари, и знаењето и умот го продава на безумните, во прилично неквалитетни памфлети (колумни).

С.О. го нарекува ЗГ “СОВЕСТ“- група курнази. Курназлакот и итроманството му го оставаме нему. Ние сме сериозни и чесни луѓе и ќе се избориме да се тргнат купиштата бетон со кој се покриени мозаиците и остатоците од ранохристијанската базилика и темелите на црквата. За нив не говорат луѓе по берберници, туку авторитети како Владо Маленко и Паско Кузман, со валидни научни истражувања. Јавноста уште еднаш ја потсетуваме: немаме ништо против легална конзервација и реставрација на споменик на културата, ама сме против аздисувањето. Бараме само почитување на историските факти, на реалноста впрочем.

ЗГ СОВЕСТ во овој момент бара надлежните институции времено да ја стопираат градбата на Али пашината џамија, додека не се испита целиот случај и целата процедура на издавње на документите за градежните активности. Потсетуваме, Законот за Охрид е донесен, токму затоа што Охрид е посебен, а во овој случај тој е целосно ЗАОБИКОЛЕН при спроведувањето на целата постапка. Што ќе речат на ова курназите, кои го напаѓаат она што СОВЕСТ сака совесно да го изнесе на виделина.

Здружение на граѓани “СОВЕСТ“ Охрид

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.