Битиќи и Шахпаска: Државата е партнер на граѓаните и стопанството, помош преку четвртиот пакет мерки ќе стигне онаму каде што е потребна

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска одржаа прес-конференција во Владата, на која беа презентирани дел од мерките на четвртиот пакет економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.

Вицепремиерот Битиќи, во своето излагање, рече дека во целиот сет, инклузивниот пристап во креирањето на мерките е јасно видлив, како и фактот дека државата е партнер на граѓаните и стопанството и дека помошта ќе стигне онаму каде што е потребна. Тој потсети дека со претходниот сет економски мерки, преку мерката за поддршка на плати беа поддржани 20.000 компании кои вработуваат 120.000 вработени.

„Спас на работни места, кои не се само бројка, зад секое работно место стои наш граѓанин или граѓанка, кому му е неопходна помош. Ова е солидарна помош и за малите фирми, занаетчиите, самовработените, за кои помошта значи преживување на оваа криза, време во кое тие знаат дека можат да сметаат на помош на државата. Токму поради ова, мерката за поддршка за исплата на плати ќе продолжи и во последниот квартал, односно до крајот на годината за месеците октомври, ноември и декември“, нагласи вицепремиерот Битиќи.

Битиќи информираше дека при креирањето на четвртиот пакет мерки, Владата сметаше дека е важно покрај солидарноста да се внимава и на правичноста при распределбата на средствата кои ги државата ги обезбедува за помош, и затоа има мали измени во методологијата на добивање на помош за исплата на плати.

Помошта за исплата на плата ќе се спроведува скалесто, согласно падот на приходите кај компаниите. Периодот за пад на приходите ќе се пресметува за периодот од април до август 2020 споредено со истиот период 2019 година. Па така, компаниите кои ќе прикажат:

– 30% до 40% намален приход, ќе добијат 14.500 денари поддршка;
– 40% до 50% намален приход, ќе добијат 15.955 денари поддршка;
– 50% до 60% намален приход, ќе добијат 17.410 денари поддршка;
– 60% до 70% намален приход, ќе добијат 18.865 денари поддршка;
– 70% до 80% намален приход, ќе добијат  20.320 денари поддршка;
-над 80% намален приход, ќе добијат 21.776 денари поддршка.

Вицепремиерот Битиќи потенцираше дека досега спроведените мерки даваат резултати.

„Заводот за статистика излезе со податоци за индустриското производство кое и во месец август како и во претходниот покажува сериозни знаци на закрепнување од првичниот удар на корона кризата, кој најмногу беше почувствуван во текот на април, мај и јуни. Трендот на движењето на индустријата со падот од 9,1% во август е знак дека индустријата како еден од најзначајните сегменти на домашната економија, е на добар пат да се врати на нивото од минатата година во текот на последниот квартал од оваа година“, соопшти заменик-претседателот на Владата Битиќи.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, посочи дека за време на кризата Владата креираше последователни три пакета помош и поддршка за стопанството, за компаниите, за граѓаните. Се потврди дека овие мерки  беа навремени, сеопфатни и водени од принципот никој да не биде изоставен.

„Стотици илјади работни места се спасени и обезбедена е помош за десетици илјади компании. Вредноста на првите три пакети економски мерки, важни за поддршка на стопанството и граѓаните изнесуваше 550 милиони евра.26,8 милиони евра завршија кај 309.000 невработени граѓани и приматели на социјална помош, како и средношколци и студенти кои добија платежни картички токму преку мерката „Купувам домашно“, подвлече Шахпаска.

Министерката кажа дека директната поддршка за зачувување на секое работно место и за компаниите обезбеди на стопанството полесно да го преброди директниот удар врз економијата. Оваа успешна стратегија за зачувување на македонската економија создаде услови и за најновиот четврт пакет економски мерки, вреден 470 милиони евра.

„Овој пакет ќе обезбеди одржливост на домашната економија и на работните места, закрепнување на погодените сектори, стабилност на социјалните трансфери и поттик на јавната потрошувачка. Во овие сериозни времиња приоритет за државата се најранливите категории, оние на кои помошта и поддршката им е неопходна и најпотребна. Затоа, четвртиот пакет мерки, покрај тоа што обезбедува директна поддршка за секое работно место, обезбедува поддршка за невработените лица, за социјално ранливите категории како што се пензионерите со ниски пензии, како и самохраните родители“, објасни Шахпаска.

Економска и социјална сигурност преку платежни картички во износ од 6.000 денари се обезбедуваат за:

– 5.726 самохрани родители;
-за 182.271 пензионерите со пензии до 15.000 денари;
-за 85.108 пасивни баратели на работа;
-за 520 самостојни уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници;
-Платежни картички „Купувам домашно“ ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички.

За студентите дополнително се обезбедува поддршка за ученички и студентски стандард во вредност од 44 милиони денари за 2020 година, мерка која опфаќа 884 студенти и 347 ученици.

„Четвртиот пакет економски мерки кој се однесува во делот на директна поддршка преку ваучери, опфаќа над 283.000 наши граѓани, а нејзината вредност изнесува 27,6 милиони евра“, заклучи министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.