22/04/2024
Македонија

Делегација на Владата на РСМ положи свежо цвеќе на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во универзитетскиот кампус „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, од министерот за здравство, Венко Филипче, министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и државниот секретар во Министерството за образование, Енвер Хусеин, положи свежо цвеќе на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во универзитетскиот кампус „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. 

Со овој настан, во кој беше вклучен и молебен за Светите браќа Кирил и Методиј, што го извршија свештеници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со кој чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски Г. Г. Стефан, отпочнаа серијата настани со кои деновиве во државата и во странство се одбележува 70 годишнината од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Денот на просветните работници, како и државниот празник 24 мај, „Св. Кирил и Методиј“ – Ден на сесловенските просветители.

Програмата денеска продолжува со свечената академија што во Националната филхармонија ќе се одржи по повод 70 годишнината од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, на која ќе се обратат претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.