13/05/2026
Македонија

Започна новата учебна година за 245.000 ученици

Денес официјално стартува новата учебна 2025/2026 година, која ќе трае до 10 јуни, додека за матурантите наставата ќе заврши порано – на 15 мај.

Министерството за образование и наука информира дека обезбедени се учебници за сите ученици, а за прв пат по седум години ќе има и учебници по странските јазици. Во повеќе училишта условите за настава се значително подобрени, а инклузијата е подигната со ангажирање на зголемен број образовни асистенти во основното, но и за прв пат во средното образование. Учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели. 

Освен 1346 образовни асистенти во основните училишта, за прв пат, образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби, а нив ќе им помагаат 130 образовни асистенти. За прв пат е воведено и формално образование за децата на долготрајно болничко лекување и тие повеќе нема да губат настава. Зависно од нивната состојба ќе можат да се вклучуваат онлајн во својот клас или пак, наставникот индивидуално ќе работи со нив.

Во новата учебна година, обезбедена е поголема поддршка за талентираните ученици, односно целосно покривање на трошоците за учество на меѓународни научни олимпијади. А за сите ученици е овозможено професионално, односно кариерно насочување.

Според досега доставените податоци од општините, учебната година ја започнуваат 245 илјади ученици, односно 177.800 основци и 67.200 средношколци.