11/10/2024
Македонија

Започна со изградба системот за топлификација на Битола, Могила и Новаци

Започна изградбата на системот за топлификација на Битола, Могила и Новаци кој ќе користи топлинска енергија од РЕК Битола. Градежните работи почнаа во кругот на РЕК Битола, односно во непосредна близина на блоковите за производство на електрична енергија.

Генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, на официјалниот настан по повод изградбата, нагласи дека после 40 години постоење на РЕК Битола и децениско размислување за реализирање на топлификација за Битола, проектот кој беше во подолг застој поради големи претходни пропусти во планирањето, сега стигна  до почеток на изградба на терен.

„Планот е на топлификацијата на почетокот да се приклучат 35 државни  и општински институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила. 

Еколошките придобивки од Топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите. 

Трасата на топловодот ќе поминува низ Новаци и Могила, кои се две рурални општини кои во значајна мера се потпираат на земјоделството, и топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти, со што ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во регионот“ – изјави Ковачевски.

Директорот Ковачевски ги објасни причините за привремениот застој на проектот и зошто не можеше порано да почне да се спроведува.

„Така како што беше смислен и поставен -проектот беше економски неисплатлив и еколошки неприфатлив. Прво, претходно немаше стретегија што со топлификацијата кога РЕК Битола веќе нема да произведува струја од јаглен. Сега имаме решение на тоа прашање-стратегијата е замена на дел од капацитетот на РЕК со когенеративна електрана на гас, која ќе произведува електрична и топлинска енергија. Имаше нерешени имотно правни односи по текот на трасата на топловодот. Тоа прашање го решаваме сега, со експропријација. И многу важно. Овој проект од исклучително значење за Битола, Новаци и Могила треба да биде еколошки, а претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола која ќе работи на мазут, што е недозволиво. И тоа го решивме – сега ќе има потстаница на природен гас“ – објасни Ковачевски.

Министерот за економија, Крешник Бектеши изјави дека ова е еден од проектите за кои Владата е исклучително посветена за успешна реализација.

„Владата е посветена на реализација на проекти кои ќе значат намалување на загадувањето, намалување на потрошувачката на електрична енергија и зголемување на енергетската ефикасност и секако зголемување на безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа на електрична енергија. Владата на Република Северна Македонија усвои амбициозна стратегија и превзема конкретни мерки и активности за реализација на стратешките определби кон зелена економија и воведување почисти енергетски во економијата и домаќинствата“ – изјави Бектеши.

Министерот се осврна и на податоците дека секторот за греење значително учествува во крајната потрошувачка на енергија.

„Неефикасните технологии придонесуваат за зголемено загадување и глобално затоплување. Реализацијата на овој проект за изградба на топлификациона мрежа во Битола, Новаци и Могила ќе има големо влијание врз зачувување на животната средина, а од друга страна ќе ги намали трошоците кај домаќинствата за загревање, односно ќе иам поконкурентни цени од другите енергенти кои се користат, што е наш најголем приоритет“ – изјави министерот Бектеши.

За проектот Топлификација на Битола, Могила и Новаци се користи кредит од германската KFW банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ ќе инвестира 7 милиони евра сопствени средства. 

Изведувачот има рок од две години за изведување на првата фаза од проектот за која е потпишан договорот, а тоа е ископ за трасирање на топловодот и поставување на топловодните цевки од РЕК Битола до градот Битола, како и секундарна, односно дистрибутивна мрежа во градот, по што следува втората фаза во која ќе бидат поставени потстаници кои ќе го поврзат цевководот со РЕК Битола и цевководот со разгранетата дистрибутивна мрежа низ градот Битола. Во третата фаза ќе бидат поставени потстаници на институциите кои ќе бидат приклучени на греењето.