Изложба „Приказ на животот преку виното“ – Јубилејна прослава на 25 години уметност на Данче Наумоска
Љубителите на уметноста ќе имаат ретка можност да уживаат во инспиративната изложба „Приказ на животот преку виното“, дело на познатата охридска уметница Данче Наумоска, која оваа година одбележува 25 години творештво во бакар.
Изложбата ќе се одржи во петок, на 4 јули 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид.
Овој јубилеен проект е резултат на соработка помеѓу Данче Наумоска и нејзиниот син Кирил Наумоски, кој се јавува како коавтор. Поставката претставува визуелен приказ на животот, изразен преку симболиката на виното, природата и металот – бакарот.
„Изложбата е подредена во пет фази што го следат текот на постоењето – од настанување, преку плод, раст и заедништво, во духовност и смирение. Секоја фаза носи своја тежина и боја, како годишни времиња во внатрешниот свет“, изјавува Наумоска.
Секоја нејзина творба раскажува приказна со емотивна длабочина и порака, истовремено оддавајќи почит кон традицијата и животниот циклус. Металот, во нејзините раце, не е само материјал, туку медиум за спојување на личното и универзалното.
Влезот е слободен, а организаторите ги покануваат сите граѓани, љубители на уметноста и почитувачи на духовните вредности, да бидат дел од ова уникатно визуелно патување низ животот, природата и времето.