Ковачевски: Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена – европска, Република Северна Македонија

По повод националниот празник 2 Август – Денот на Републиката и Илинден, под слоганот „Нашата сила за иднината“ годинава, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се обрати пред присутните делегации и граѓани на Мечкин Камен во Крушево.


Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски на Мечкин Камен:

„Почитуван слободарски, прогресивен, борбен народе, граѓанки и граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други –  застанати едни до други, како илинденците во 1903, како асномците во 1944 – и денес, 2022 – во различно време, но повторно заедно и повторно со иста цел пред себе – светла иднина, сигурност и перспективи!

Почитувани претставници на Сојузот на борците од Народно-ослободителната борба,

пријатели од меѓународната заедница,

почитувани медиуми,

почитувани граѓани,

Нека ни е честит и вековит Илинден – Денот на Републиката!

Денес, овде, на Мечкин Камен, стоиме исправени во чест на нашето минато и оддаваме длабока почит на илинденците, кои пред повеќе од еден век ја создадоа Крушевската Република, заснована врз длабоки демократски принципи и еднаквост – и даваме збор. Идејата илинденска и асномска, за светла и перспективна македонска иднина – и генерациите на денешнината ја имаат пред себе – и од неа назад – нема! Има само напред!

Водени од погледот кон иднината на илинденците и асномците, создадовме слободна, самостојна, суверена и независна Македонија, со сопствен и неоспорен идентитет. Уште одѕвонуваат зборовите на нашиот претседател Киро Глигоров од таа вечер: „Ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија“, со коишто е објавено и потврдено остварувањето на сонот за слободна и самостојна држава. Овие зборови ќе останат запаметени во историскиот континуитет на македонската државност.

Илинден е нашата сила и за современа, модерна, економски развиена – европска, Република Северна Македонија.  

Водени од заедничката борба во којашто животи се положувале за сестрите и браќата од сите народи на ова парче земја, се обединивме од сите етнички заедници и вери во едно и еднакво општество за сите, без исклучок, рамноправни пред законите, без разлика на народност, пол, раса, вероисповед.

Илинден е нашата сила да продолжиме да градиме и заедничка држава на сите граѓани, без предрасуда кон кого било и држава интегрирана во Европа и рамо до рамо со демократиите во светот – и  од ова назад – нема! Има само напред!

Денес почитувани граѓани, во нашата земја се твори на македонски јазик, по примерот на големите Конески, Јаневски, Андреевски, Мисиркова – Руменова, Крле, Шопов, Николова, Урошевиќ, Стефановски, продолжувајќи го делото и на Мисирков, Миладиновци, Цепенков, Прличев, кои нѐ задолжија да го чуваме, негуваме и развиваме нашиот македонски јазик.

Но денес во нашата држава се признаени и се негуваат и јазиците на сите други народи кои живеат овде, албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, босанскиот јазик – со што покажуваме меѓусебна почит и разбирање и со што поставивме цврста основа на меѓусебна доверба.

Заедништвото низ кое илинденците и асномците ги добиле нивните битки, е заштитен знак и на современата заедничка држава што ние ја градиме и низ кое заедништво ги надминуваме предизвиците на нашето време, добивајќи ги на тој начин нашите битки.

Денес, Република Северна Македонија е пример  како се градат добрососедски односи – предводник е во иницијативата Отворен Балкан, којашто носи бенефит на економски план, но и ја зајакнува соработката меѓу соседите.

Се интегриравме и во НАТО, како почитувана земја членка, а вратите за нас ги отвори и Европската Унија, прифаќајќи ја нашата посебност како Македонци кои говорат македонски јазик и како мултикултурна држава, којашто може да придонесе во развојот на интегративниот концепт на европската идеја.

Ете поради сето ова Илинден е нашата сила за иднината!

Длабоко е врежан Илинден во нашиот код. Илинден е нашиот код.

Тоа е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови.

Тоа е идеја која поврзува! Тоа не е идеја која дели!

Тоа е идеја која што сака, а не која што мрази.

Тоа е идеја која што развива, а не е идеја која што блокира.

Тоа е идеја која што  интегрира, а не е идеја која што изолира.

Прогресивната суштина на илинденската идеја живее во секој чекор што го преземаме и со секоја одлука којашто ја носиме како држава и како општество.

Визијата на револуционерите кои се издигнале над своето време, Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански, на Никола Карев, општо, на Крушевската Република, за обединување, еднаквост, правичност и праведност, перспективност е аманет што обврзува секого, кој ѝ мисли добро на својата родна земја, Република Северна Македонија.
Да се почитува великанот Гоце Делчев, значи да се сфати неговото разбирање на светот како поле на културен натпревар меѓу народите и така да се дејствува.

Драги граѓани,

Илинденците од АСНОМ јасно порачаа: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме.

Ние денес, инспирирани од визионерите илинденци и асномци, градиме современа, прогресивна, економски развиена Република Северна Македонија.

Градиме земја на пријателства и соживот. Тоа е она по кое светот нас нѐ препознава.

Со таа мисла и во тој дух денес гордо стоиме рамо до рамо со нашите пријатели, сојузници и партнери во НАТО и ЕУ. Делиме исти вредности, а ќе делиме и европска иднина, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености и европска иднина во којашто има место за сите.

Генерациите на денешнината ќе ја имаат можноста да го посведочат денот кога со полноправно членство, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Европската Унија. Сонот македонскиот јазик да се чуе надалеку, да го запознаат, чујат и доживеат земји и култури коишто никогаш досега немале допир со него, ќе стане стварност.

Нашата генерација ќе има можност сé она што е автентично за нас и за нашиот јазик, култура, обичаи и традиција да го втемели во основите на големото европско семејство, правејќи го побогато и поразнолико, вистински обединето во различностите.

Поголемо признание и можност за развој на сѐ она што е македонско, не постои.

Не постои и поголем патриотизам од носењето државнички одлуки.

Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да  можеме да водиме други, поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани подеднакво.

Денес, нашиот поглед е свртен кон иднината, исто како и погледот на илинденците и во 903-та и во 44-та и во 91-та.

Сега е време е за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред сѐ за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава.

Почитувани граѓани,

Како што успеавме да се обединиме независно од нашата етничка и верска припадност, нашата заедничка должност е да се обединиме и независно од политичките определби.

Како илинденците и асномците – и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети.

Тие приоритети – и во времето на Илинден и во времето на АСНОМ – и денес – се напредок на државата.

Нема поголем државен приоритет од патот напред, којшто носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните.

Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување на генерациите на денешнината во остварувањето на оваа стратешка државна цел.

Нејзините корени се во Илинден и затоа, Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина.

Време е новото сонце на слободата да изгрее и да ни го осветли патот за храбро, посветено и бестрашно да погледнеме кон иднината и брзо и одлучно да го оствариме нашиот сон, сонот на илинденците, на борците од НОБ. Време е за нови, заеднички победи.

Ние никогаш нема да заборавиме кои сме и од каде доаѓаме и од што сме направени, а тоа ќе е нашата сила храбро да зачекориме и да отвориме ново поглавје во македонската историја.

Нека им е вечна слава на илинденците!

Нека ни е честита Слободата и Републиката!“.