Ковачевски: Нова инвестиција на германски „Кил“ од 9,2 милиони евра и нови 150 работни места

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод новата инвестиција на германската компанијата „Кил Македонија“. Станува збор за изградба на нов производствен капацитет во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово.

Компанијата „Кил Македонија“ веќе успешно работи 6 години во нашата земја и во моментот над 130 наши сограѓани произведуваат иновативни транзитни патнички седишта за комерцијални возила и јавен превоз. Како што истакна премиерот во своето обраќање, успешниот раст на компанијата доведе до потреба за дополнително проширување на нивното портфолио со нова инвестиција од 9,2 милиони евра, а тоа значи нови 150 работни места, со очекуван вкупен извоз од над 160 милиони евра во следните 10 години. Почетокот на производството од новата фабрика се планира во следната 2023 година.

„Економските политики и Планови на Владата даваат резултати. Ние сме земја членка на НАТО, со почнати преговори за членство во ЕУ, стабилен партнер за вложување на инвестициите на компаниите од Европа и светот. Потврда за тоа се и постоечките инвеститори кои работат во нашата земја, од САД, Франција, Германија, Турција и бројни останати европски земји кои ги споделуваат можностите за инвестиции во нашата земја и условите за раст и развој на компаниите. И во овие тешки кризни времиња, наша задача е да обезбедуваме услови за креирање нови работни места, но секако и на подобро платени работни места за да се справиме со растечките трошоци за живот. И тука во германската инвестиција во „Кил Македонија“, просечната нето плата е над државниот просек. Само од неколку нови инвестиции кои ги објавивме изминативе неколку месеци се отвораат нови над 1.700 работни места. Да бидам попрецизен од заедничката инвестиција на „Јангфенг“ и „АРЦ Аутомотив“ ќе се отворат 100 нови работни места, ја отворивме и втората фабрика на американската компанија „Кемет Електроникс“ во ТИРЗ со нови 360 вработувања, канадската „МАГНА“ во зоната во Струга со над 1.000 вработувања, турската инвестиција „ТЕКНОПАНЕЛ“ со која ќе се отворат 120 нови работни места, како и денешната нова инвестиција на германската „Кил Македонија“ со околу 150 нови вработувања“, рече Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека сите напори кои што ги прави Владата за привлекување на странски инвеститори и обезбедување на најдобра бизнис клима за компаниите го даваат својот плод.

„Кога го донесовме Планот за економски раст пред скоро пет години имаше многу скептици дека нема да ги даде посакуваните резултати.

Но, резултатите на терен го покажуваат токму спротивното, а тоа е дека со предвидлива бизнис клима и поддршка на компаниите кои работат на раст и развој и отворање на нови работни места успехот е неминовен.

И покрај КОВИД кризата и покрај енергетската криза која што ја зафати цела Европа и носи голема неизвесност, странските инвеститори препознаваат во Северна Македонија сигурен партнер и можност за долгорочно реализирање на своите планови, а со тоа раст и развој на нивните компании“ рече Бектеши.

Амбасадорката Анке Холштајн зборуваше за важноста на новите инвестиции.

„Доверливата клима на соработка со македонската Влада е важен признак за квалитет за локацијата Северна Македонија. Заедно ќе продолжиме да ја негуваме – за успешно да работат тие што веќе се овде, како и за понатаму да ја рекламираат Северна Македонија како добра дестинација за инвестиции“, рече Холтајн.

Кристијан Штранд, генерален менаџер на „Кил Македонија“ рече дека Кил Групацијата работи повеќе од 75 години во неколку земји во светот и е лидер во производството на седишта за возови и автобуси.

„Иницијалната цел на оваа фабрика беше да обезбеди седишта за фабриката Ван Хол во Скопје, бидејќи историски гледано, следењето на клиентите во своето работење е наша своевидна пракса. Имајќи го предвид работењето последните пет години откако почнавме со работа во Македонија, можеме слободно да кажеме дека веќе направивме една успешна приказна.

Бидејќи се исцрпени капацитетите на постоечкиот производствен објект, Кил одлучи да направи дополнителна инвестиција во Индустриската зона во Тетово. Истото беше реализирано со голема поддршка во целокупниот процес од страна на ТИРЗ, Владата, „Нормак“, но и останати субјекти. Горди сме што ја имаме оваа дополнителна инвестиција во Северна Македонија, бидејќи истата не претставува само зголемување на постојното производството, туку воедно и проширување на опсегот на нашето работење и во областа на заварување, бојадисување и изработка на сунѓери. Со ова ќе се покрие целокупниот опсег на активности за производство на седишта за возови во нашата фабрика и слободно може да се нарече комплетното седиште „made in Macedonia”, а ние ќе прераснеме во центар за седишта за возови од дизајн до производство во Групацијата Кил”, рече Штранд.

Јован Депотовски директор на ТИРЗ посочи дека Кил е прва компанија која веќе работи во земјава и станува дел од семејството на ТИРЗ.

„Компанијата нема да користи даночни олеснувања, но реши да ги искористи услугите од државата и поддршката во инфраструктура и земјиште. Тоа е потврда дека со моделот на функционирање на зоните кој го поставивме, компаниите во нас препознаваат вистински партнер.

Ова е многу значајна пресвртница не само во работењето на Зоните туку и генерално во поттикнување на инвестициите. Овој модел, кој го развивме за Кил е многу важен исчекор и за домашните компании.

Практично изедначување на условите за инвестирање во зоните за домашните и странските компании“, рече Деспотовски.


Обраќање на премиерот Ковачевски на настан по повод новата инвестиција на германската компанијата „Кил Македонија“

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод новата инвестиција на германската компанијата „Кил Македонија“. Станува збор за изградба на нов производствен капацитет во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:

„Странските инвестиции во Северна Македонија, растат го зголемуваат производството, извозот, вработените. Тоа е накратко она што го гледаме во сите изминати недели ширум државата, во сите индустриски зони. 
 
Германската инвестиција, компанијата „Кил Македонија“ која веќе успешно работи 6 години во нашата земја, тука во Желино, реализира нова инвестиција во изградба на нов производствен капацитет во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово.
 
Во моментот над 130 наши сограѓани работат во оваа компанија од автомобилската индустрија и произведуваат иновативни транзитни патнички седишта за комерцијални возила и јавен превоз. Успешниот раст на компанијата доведе до потреба за дополнително проширување  на производствениот капацитет и нивното портфолио и поради успешниот проект во Северна Македонија тие инвестираат нови 9,2 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет во ТИРЗ Тетово, а тоа значи нови 150 работни места, со очекуван вкупен извоз од над 160 милиони евра во наредните 10 години.

Почетокот на производството од новата фабрика се планира во 2023 година.
 
Големо е задоволството кога во услови на најголемата економско-енергетска криза, Северна Македонија е дестинација за нови инвестиции на водечки производители како меѓународната „Кил Групација“, која работи глобално со производствени погони во САД, Германија, Полска, Холандија и во Турција, а присутна е и на азиските пазари. Високо технолошки компании инвестираат во земјата и носат нова додадена вредност на нашата економија.

Ова за нас како Влада е уште една потврда дека нудиме стабилен деловен амбиент, и пред сé предвидлив за компаниите да може да ги реализираат своите долгогодишни планови. Оваа инвестиција, исто така е резултат на новиот концепт на Владата и ТИРЗ за привлекување на странски инвестиции за што секој потенцијален инвеститор задолжително доставува 10 годишен инвестициски план врз база на кој се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата во инвестицијата.

Економските политики и Планови на Владата даваат резултати. Ние сме земја членка на НАТО, со почнати преговори за членство во ЕУ, стабилен партнер за вложување на инвестициите на компаниите од Европа и светот. Потврда за тоа се и постоечките инвеститори кои работа во нашата земја, од САД, Канада, Франција, Германија, Турција и бројни останати европски земји кои ги споделуваат можностите за инвестиции во нашата земја и условите за раст и развој на компаниите.

Оваа Влада е силно фокусирана на економијата, деноноќно работиме на ублажување на последиците од енергетската криза, а при тоа паралелно и на сите можности за раст на инвестициите и за нови вработувања. Тоа е клучот за борбата со енергетската криза, од која верувам дека сите ќе излеземе посилни и порационални.

И во овие тешки кризни времиња, наша задача е да обезбедиме услови за креирање нови работни места, но секако и на подобро платени работни места за да се справиме со растечките трошоци за живот. И тука во германската инвестиција во „Кил Македонија“, просечната нето плата е над државниот просек.

Само од неколку нови инвестиции кои ги објавивме изминативе неколку месеци се отвораат нови над 1.700 работни места. Да бидам попрецизен од заедничката инвестиција на „Јангфенг“ и „АРЦ Аутомотив“ ќе се отворат 100 нови работни места, ја отворивме и втората фабрика на американската компанија „Кемет Електроникс“ во ТИРЗ со нови 360 вработувања, канадската „МАГНА“ во зоната во Струга со над 1.000 вработувања, турската инвестиција „ТЕКНОПАНЕЛ“ со која ќе се отворат 120 нови работни места, како и денешната нова инвестиција на германската „Кил“ со околу 150 нови вработувања.
 
Дополнително, само во првите десет месеци од годинава во компаниите во ТИРЗ се отворени над 2.000 нови работни места, а бројот на вработени за првпат се искачи над 16.000. Во моментов ТИРЗ има помеѓу 30-35 активни клиенти.
 
Со новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции само во изминатите 18 месеци се постигнати договори од 620 милиони евра што е речиси две третини од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години.
 
Јас не би должел многу сакам да се заблагодарам само на менаџментот на компанијата „Кил“ што направи чест да дојдеме тука на отворањето заедно со моите колеги од Владата, заедно со г. Ахмети, почитуваната амбасадорка на Германија.

Сакам на инвеститорите да им посакам успешна работа, успешна работа на сите вработени заедно со нивниот менаџмент тука во оваа фабрика, бидејќи вработените се клучот за успех на секоја компанија. Успешна реализација на сите планови кои што ги има менаџментот на компанијата.“