06/11/2024
Македонија

Ковачевски: Одлучноста и обединувачкиот дух од Крушевската Република и НОБ се патоказот за претстојните чекори напред!

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на свеченоста посветена на 2 Август – Денот на Републиката, што се одржа пред Споменикот на Слободата- „Слава, сила и победа“ на Тврдината Кале во Скопје, како дел од одбележувањето на денешниот голем државен празник, под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:

„Почитувани граѓани на самостојна, суверена, независна, прогресивна Европска Македонија,

Почитувани претставници на Сојузот на борците од Народно-ослободителната борба и продолжувачи на делото на илинденците за слободна и автономна Македонија,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на Парламентот, почитувани медиуми, почитувани присутни,

Нека ни е честит 2 Август – Денот на Републиката!

И нека ни е вековит Илинден – Огниште на Татковината!

Застанати заедно тука, пред Споменикот на Слободата, оддаваме должна почит на борците, на хероите илинденци и асномци, кои ги положија животите за слободата и напредокот.

Ја испраќаме пораката дека одлучноста и обединувачкиот дух на Илинден 1903 и на АСНОМ 1944, но и цврстата верба, истрајноста и упорноста со кои е создадено Огништето на нашата татковина, денес се нашиот патоказ кон иднината!

Заложбите за автономна држава, што започнале со создавањето на Крушевската Република, ги реализирале хероите во Народно-ослободителната борба.

Со Илинденското востание во 1903-та година е кренат гласот за слобода и правдини. Но, со НОБ и Првото заседание на АСНОМ во 1944-та, македонскиот народ ја извојува својата национална слобода и создава сопствена држава, со службен македонски јазик.

Ова покажува колку е важна свеста за постоењето на стратешката цел и колку е важен континуитетот за нејзиното постигнување.

Длабоките демократски принципи на кои се засновала Крушевската Република изразени во Крушевскиот манифест кој јасно прокламира социјална, национална и верска еднаквост, не случајно денес се темелите на современа Република Северна Македонија.

Крушевската Република траела само 10 дена, но била, е, и ќе биде симбол на државотворните стремежи на македонскиот народ и на македонската државност.

На Крушевската Република и АСНОМ се надоврзуваат Народното Собрание на тогашни Народна Република Македонија и Собранието на Социјалистичка Република Македонија, како основи на првото повеќепартиско Собрание на Република Македонија, денешно Собрание на Република Северна Македонија.

И низ какви предизвици и да мина нашата држава во тридецениската независност, инспирирани од храброста на илинденците и асномците, со државничко постапување на Собранието, донесени се сите клучни одлуки за државата до денес.

Изборот на првата Влада, одлуката за историскиот референдум во 1991-та година, по што е прогласена самостојна и суверена  Република Македонија. Донесувањето на  Уставот како највисок државно-правен акт со што се заокружува долгиот историски процес на конституирање на државата.

Одлуката за членство на државата во Обединетите нации. Распишувањето на првите парламентарни избори по независноста. Одлуката за засилена внатрешната интеграција на етничките заедници преку Охридскиот договор.

И конечно одлуката за нашето членството во НАТО со што по долги години чекање и изолација, остваривме една од двете стратешки цели на нашата држава, поставени од првиот ден од независноста.

Денес, 2023-та година, Република Северна Македонија е 30-та полноправна членка на НАТО Алијансата. Со отворени перспективи  до 2030 година, да ја оствари и другата стратешка цел – членството во Европската Унија.

И денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот.

И денес е потребно да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците.

Иако порано историјата го оценувала кревањето на Илинденското востание како прераното, денес на него се гледа како неминовно и неопходно.

Благодарение на тоа, ние денес имаме своја држава, единствена, македонска држава. Наше огниште.

Илинденците и асномците знаеле дека вреди секој направен чекор напред за македонската државност и затоа нивните одлуки нѐ обврзуваат да одиме напред, одлучно и храбро.

Порано битките биле на бојно поле. Денес, тоа е дипломатското поле.

Како рамноправна членка на заедничката масата на НАТО, го осигуравме територијалниот интегритет.

Успеавме да седнеме и на европската маса и да го отвориме преговарачкиот процес, поставувајќи го македонскиот јазик на исто рамниште со другите официјални европски јазици. За тоа е доказ потпишаниот договор со Европската комисија за ФРОНТЕКС на македонски јазик. Како и преведувањето на целото европско законодавство на македонски јазик, кој што е во тек.

Оваа Влада постапи по аманетот на илинденските и асномците, дека правата се штитат на рамноправен терен. Седнати на иста маса заедно со останатите европски земји и светски сили.

И сите кои во следниот период ќе носат важни одлуки за граѓаните и државата, треба да постапат по истиот аманет.

Дали ќе ја следиме визијата и храброста на илинденците и асномците и ќе градиме европска држава, интегрирана во големото европско семејство, или пак ќе останеме сами и изолирани, е само наша одлука.

Секој кој сака да се повикува на патриотизмот во претстојните одлуки кои треба да обезбедат континуитет на прогресот, поставен со Илинден и АСНОМ, нека погледне длабоко во себе и нека погледне добро пред себе..

Илинден и АСНОМ ги одликува одлучност, а не откажување. Затоа што само откажувањето е пораз.

Одлучноста е победа, бидејќи е заснована на верба.

И секој вистински борец верува во поставената цел. И работи таа да се оствари.

Огништето на Татковината значи полни домови, насмеани деца, мотивирани млади луѓе, значи среќни луѓе.

Ако сонот на граѓаните и особено на младите луѓе во државава е да живеат во европска држава, тогаш нека е тоа тука, во родната земја!

Огништето на татковината, кое е создадено во пламен и со крв, да го сочуваме! Да не се случи да остане празно!

За да има кој да, пишува, да твори, да говори на македонски јазик. Затоа што, како што вели  Блаже Конески: Јазикот е нашата единствена татковина. И сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.

Изолирани ние можеме да говориме, можеме дури и да бидеме најгласни. Но кој ќе нè слушне?!

Од изолирана држава, по цела деценија, со мудри, храбри и одважни одлуки, успеавме да ја обновиме и засилиме меѓународната поддршка, како никогаш досега.

И затоа што знаеме колку тешка борба беше тоа, денес будно го чуваме нашето исконско македонско и нашата мултиетничка држава, која што е препознаена како функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа.

Го правиме тоа како Македонци, со промоцијата на македонскиот јазик и идентитет и со почитување на правата на сите другите етнички заедници: Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други кој живеат тука во ова држава заедно со векови.

И нема за што да бидеме загрижени, бидејќи оваа наша македонска држава, успешна мултиетничка приказна ѝ е подеднакво потребна на Европа, како што нам ни потребна ЕУ.

Секој момент е добра можност да се направи нешто добро за својата држава и за својот народ.

Поучени од заедништвото и решителноста на Илинден и АСНОМ, имаме обврска да постапиме и ние како генерации на денешнината, како што ни доликува.

Да носиме одлуки што прават пат напред за идните генерации.

Драги сограѓани,

Да си ја сакаш државата, значи да се бориш и да се избориш за  нејзините перспективите и за перспективите на граѓаните.

Така е добиена битката за слобода. За своја македонска држава. За свој македонски јазик. За признавање на македонскиот идентитет.

Обединети ја добивме битката за членство во НАТО. Обединети можеме да ја добиеме и следната битка, полноправното членство во Европската Унија.

Тоа го направивме со поуките од минатото и со поглед кон иднината.

Со чекори напред, а не со чекори назад.

Со свесност за придобивките, кои што значат унапредување на квалитетот на живот дома.

Не со страв, туку со одлучност. Затоа што одлучноста не е отсуство на внимателност. Туку е отпорност кон предизвиците.

А надминувањето на стравовите води кон раст, развој и напредок. Кон потврдување на вербата во себе и кон чувство на слобода за следните чекори напред.

Нашето место не е назад во изолација, туку напред во европското семејство на народи и државите, со кои културно се натпреваруваме, како што и го видел светот уште пред повеќе од еден век, великанот и инспиратор на македонското револуционерно дело и државноста, Гоце Делчев.

По трнлив пат, со безброј предизвици, однадвор и одвнатре, кој што сè уште ги има, но и со големиот влог на низа одговорни генерации кон својата татковина, кон младите и кон идните поколенија, денес сме дел од демократските сојузи на народи и држави, по патот на напредокот.

Секако, ниту еден успех не е постигнат еднаш засекогаш. Поуката од минатото е дека иднината зависи единствено од изборот што го правиме денес.

Затоа, тој избор – нека не се предрасуди!

Нека е тоа Огништето! Нека е нашата Татковина! За доброто на сите!

Да е вечен споменот за Крушевската Република, да е вечен споменот на АСНОМ од којашто ја црпиме силата за новите чекори напред кој следуваат пред нас!

Честит и вековит да ни е Илинден, да живеат Македонците да живеат сите граѓани на Република Северна Македонија, да ни е вечна слободна европска Македонија!“