Комплетно реновирани операционите сали на Клиниката за ортопедија при ТОАРИЛУЦ, согласно сите светски стандарди

Од денеска почнуваат со работа реновираните хируршки сали на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар. На Клиниката за ТОАРИЛУЦ е направена комплетна реконструкција на операционите сали по сите светски стандарди.

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче информираше дека се заменети и надградени сите постојни инсталации, според нови стандарди. Тоа значи безбедни медицински гасови, сигурна електрична инсталација којашто е испитана и за која добивме сертификати и нова водоводна инсталација.

– Имаме и комплетно нова климатизација и вентилација на салите со комплетна регулација на воздухот. Целосно се регулира и се следи состојбата на сите филтри низ кои поминува и се прочистува воздухот, влажноста на истиот и протокот за да не се појави непријатно струење, потенцираше министерот Филипче.

Во сето ова се вградени нови оперативни столови и нови светла над нив. Набавена е и нова надстандардна и софистицирана медицинска опрема.

– Сето тоа споено дава одлични услови за работа за колегите, но и најсовремени стандарди за операција на пациентите, рече министерот Филипче.

Илир Хасани, директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар, изјави дека обновата на салите е голема инвестиција и најавува дека реконструкциите ќе продолжат додека не се постигнат светски здравствени стандарди.

– Со сите овие чекори покажуваме интенција и залагање за развој на современо и модерно здравство, фокусирано на сите наши пациенти, кои имаат потреба од медицинска помош на ортопедија, посочи д-р Илир.

Целото реновирање чини над 30 милиони денари, најголем дел од средствата се преку Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Министерството за здравство и околу 1.5 милиони денари од донации.