11/10/2024
Македонија

Лицата со попреченост и старите лица во 27 општини ќе добијат асистенција за полесно справување со кризата

Министерството за труд и социјална политика, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) реализира услуги за поддршка на лица со попреченост и други ранливи категории во услови на КОВИД 19.

Активностите за асистенција на ранливите категории ќе се реализираат во 27 општини со вклучување на околу 200 невработени лица како испорачувачи на услугите за над 1.500 лица крајни корисници. Локалните општински тимови обучени за справување со овој тип на теренски околности и опремени со заштитна опрема, секојдневно ќе работат на терен и ќе обезбедуваат поддршка во секојдневното функционирање​.

„Министерството за труд и социјална политика ги следи и одговара на потребите на ранливите групи  на граѓани. Заедно со УНДП направивме услуга која ќе излезе во пресрет на лицата со попреченост и старите лица. Ќе се започне со подршка на овие лица во 27 општини за олеснување на нивното секојдневно функционирање  што вклучува асистенција за реализација на итни администривни процедури, набавки и друг тип на поддршка согласно потребите на лицето“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Почетно, оваа услуга ќе ја користат 1.540 лица, а доколку има потреба, бројот на корисници ќе расте. Лицата со попреченост и старите лица, доколку имаат потреба, може да добијат и поддршка во домот. МТСП постојано ги следи потребите на крајните корисници и ги креира мерките согласно нивните потреби.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан потенцираше дека во услови на ваква глобална пандемија, грижата за луѓето на кои им е најмногу потребна поддршка е од врвен приоритет.

„Ова е време кога треба да се покаже солидарност, поддршка, посветеност и грижа за сите, а посебно за оние граѓани кои не можат самостојно да се справат во овие деликатни услови на КОВИД 19. Затоа новата адаптирана услуга на локално ниво е најдобар доказ дека инклузивните заедници во пракса подразбираат зајакнување на лицата како даватели на услуги и крајните корисници. Оваа услуга е дел од пошироката поддршка која УНДП ја нуди во земјата, но и на глобалнониво, за справување со КОВИД 19“.

Швајцарија е долгогодишен партнер на државата во сите околности, и во добри времиња, но и во времиња полни со предизвици. Драго ни е што во овие посебни околности со коишто се соочуваме, проектите кои ги поддржуваме се флексибилни и се адаптираат соодветно да одговорат на кризата и на луѓето од ризичните категории – истакна Амбасадорката на Швајцарија во државата, Н.Е Сибил Зутер Техада.

Активноста се спроведува како продолжување на Програмата за општинско – корисна работа, како дел од Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот, и реактивирање на претходно ангажираните невработени лица како даватели на услуги.