13/07/2024
Македонија

МЖСПП иницира дополнителни консултации со релевантни институции во однос на заштитата на Водно

Министерството за животна средина и просторно планирање по завршувањето на процесот на консултација на јавноста за тековниот процес за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категорија V –  Заштитен предел, процени дека во Предлогот на Одлуката од аспект на заштита на природните вредности не постојат двојби. Но, дополнително, во однос на дел на забелешките кои се однесуваат на други аспекти на заштита започнува дополнителна консултација и координација на техничко ниво со други релевантни државни институции согласно нивните надлежности, вклучително и Град Скопје како предлагач на иницијативата, заради обезбедување на интегрирана заштита на подрачјето.

За таа цел МЖСПП упати покана до Град Скопје, Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, Министерство за транспорт и врски, Центар за управување со кризи и Дирекција за заштита и спасување.

Фокусот на консултациите ќе биде на заземање на  ставови во однос на дел на забелешките на управувањето со предложениот Заштитен предел Водно,  за прашања поврзани со: Планот за управување со поплави и заштита од ерозии и порои, Планот за одгледување и заштита на шуми, со урбанизацијата, со просторниот план и слично.