03/12/2024
Македонија

Министерот Спасовски на чествување на Денот на турскиот наставен јазик

Почитуван Претседател на Собранието на Република Турција, проф. д-р Мустафа Шентоп,

Ваша Екселенцијо – Амбасадоре на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмед Секизкок,

Почитуван Претседател на МАТУСИТЕБ, Хустреф Емин,
Почитуван министер Елвин Хасан,
Почитувани гости и присутни,
Драги пријатели,

На почетокот, дозволете ми да изразам благодарност до организаторот на овој настан – МАТУСИТЕБ – Сојузот на турските невладини организации во Република Северна Македонија и покровителот – Турската агенција за соработка и координација – ТИКА за укажаната чест веќе традиционално да бидам заедно со вас, по повод чествувањето на 21 Декември – Денот на турската настава.

Во богатиот етнички спектар на ова наше македонско тло, турската етничка заедница претставува едно, би рекол, врзивно ткиво, длабоко втемелено во културниот, историскиот и општествен развој на нашата држава. Таа позиција изградена со силната лојалност и добронамерност, со солидарност и уважување на сограѓаните, заслужува највисок можен респект.

Оттаму, денешното наше заедничко чествување на Денот на наставата на турски јазик, треба да се сфати како одбележување на датум што ја надминува сопствената симболика, како празник кој што безрезервно ги заслужува пиететот, почитта и искреното уважување од сите наши граѓани.

Впрочем, печатот на вековното заедничко живеење и опстојување, меѓу другото манифестиран не само во заедничките културни традиции и историјата, туку и во отворената и искрена поддршка што турската етничка заедница и Република Турција ѝ ја даваат во континуитет на нашата држава, во сите овие години на самостојност, сведочат за нашето цврсто и нераскинливо пријателство. Пријателство, кое како залог оставен од нашите предци, треба да го чуваме, негуваме и уште повеќе унапредуваме. 

Ако се бара пример за квалитетен соживот, за меѓуетничка толерантност, уважување и негување на различноста, тогаш сосема сигурно таков би бил примерот изграден од вековното искуство на заедничко егзистирање меѓу турската и македонската етничка зедница овде, во Република Северна Македонија. 

Токму таквото заедништво, пак, препознаено и прифатено и од Република Турција, овозможи во неа да имаме кредибилен, доследен и принципиелен поддржувач, со кого споделуваме многу заеднички цели, но и предизвици. Особено на патот на нашето евроатлантско интегрирање, но и во делот на криерирање општество за сите, општество што ќе почива врз модерните културни, социјални, економски, образовни и  политички стандарди и вредности. 

Во таа смисла, дозволете ми уште еднаш да повторам едно мое лично убедување, а тоа е дека турската етничка заедница во Република Северна Македонија претставува мостот кој што силно нѐ поврзува и обединува во остварувањето на заедничките интереси и цели. 

На крај дозволете ми, драги пријатели, искрено, од сѐ срце, во свое име и во име на Владата на Република Северна Македонија да ви го честитам празникот – Денот на наставата на турски јазик, убеден дека исто како и нашите претходници, и ние, сегашните генерации, ќе им оставиме на оние што ќе дојдат по нас наследство изградено од цврсто заедништво, меѓусебно почитување и партнерство, како темелни вредности на натамошното заедничко опстојување. 

Благодарам.