16/07/2024
Македонија

МЛС: Во Крушево и во Демир Хисар цврстиот отпад ќе се собира и транспортира со специјализирани возила

Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерство за локална самоуправа се обезбедени возила за собирање и транспорт на цврст отпад за општините Крушево и Демир Хисар во вредност од 100 илјади евра. Со десет илјади евра учествуваат и општините со сопствени средства.

– Се пристапува кон решавање на едно од најважните прашања за граѓаните на Крушево и на Демир Хисар, а и во другите општини, собирање на отпадот и одржување на хигиената на начин кој што обезбедува стандарди, квалитет и континуитет. За да се решаваат проблемите со заштитата на животната средина и со аеро загадувањето, за жал мора да се почне од обезбедување на елементарните услови во општините, зашто во еден зимски туристички центар како што е Крушево, за жал, до сега воопшто немало специјализирано возило за собирање на отпад и отпадот се собирал со трактори, на крајно не соодветен начин, рече заменикот министер Павлески

 – Ставаме крај на импровизациите кои што траеа премногу долго, а последиците кои што ги чувствуваме се огромни. Со право се исплашени раѓаните од загадувањето. Свесни сме за тоа и затоа и централната и локалните власти им даваме приоритет на проектите кои што имаат директно влијание на заштитата на животната средина.

Денеска во Крушево на средба со градоначалникот на општината Томе Христоски и со градоначалници од Пелагонискиот плански регион, заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески разговараше за приоритетите во регионот кои што ќе бидат реализирани со финансиска поддршка од Министерството во текот на оваа година.

Павлески истакна дека за 2019 та година Владата ги зголеми буџетските средства за рамномерен регионален развој за над 50 насто, што значи дека повеќе средства ќе има и за финансирање на проекти во Полошкиот плански регион. Со финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој минатата година се реализирани 15 нови проекти во општините во Пелагонискиот плански регион, главно за реализација на локална патна и комунална инфраструктура, опрема, како и за подготовка на техничка документација на поголеми проекти.