18/07/2024
Македонија

Николоски: На овие избори се одлучува дали Али Ахмети ќе продолжи да газдува со Македонија или Македонија ќе се ослободи со влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ

Денес почнуваме со кампања за парламентарните избори, по мене ова се најбитни избори кои што и се случуваат на Македонија, избори кои што ќе ја определат иднината на Македонија во следните 20 до 30 години. Ние очекуваме убедлива историска  победа, победа која што ќе значи комплетно ресетирање на Македонија, борба со криминалот и корупцијата, враќање на националната гордост на Македонците и бројни проекти кои што ги планираме во следниот период, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во однос на очекувањата од кампањата во линковско вклучување во централниот Дневник на телевизија Сител, од големиот народен митинг во Охрид, од каде што ВМРО-ДПМНЕ традиционално ја почнува секоја предизборна кампања за парламентарни избори.

Затоа што, додаде Николоски, да и погледнеме на вистината во очи, во овој момент  една мала клика која што е само оптеретена со лични интереси и владее со Македонија и мислам дека е недозволиво, Талат Џафери да продолжи да биде премиер на Македонија, така што битката на овие избори е ВМРО-ДПМНЕ да освои најголем број пратеници за да може да формира Влада која што нема да биде уценувана од никого.

Николоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја има до сега најсеопфатната програма наречена „Платформа 1198“, каде што планираме бројни проекти за цела држава, при што на кратко наброја неколку од нив. 

„Планираме целосна децентрализација на финансиите. 250 милиони евра секоја година да се спуштаат во општините. Еве сме сега во Охрид, Охрид секоја година ќе добива осум милиони евра дополнително на буџетот кој што го има општината, тоа се 32 милиони евра за еден инвестициски четири годишен циклус, а тоа е една милијарда за сите општини заедно“, рече Николоски.

Во однос на тоа од каде пари за ова, Николоски истакна дека одговорот е едноставен и дека нивната проценка е дека толкава е штетата која што криминалот и корупцијата ја прават на буџетот на Македонија, само тоа да се реши ете ги парите за општините.

„Понатаму, мислиме и на најмладите и на најстарите. За најмладите проектот „Купи куќа“ со кој што до 50% ќе се субвенционира изградба на нови куќи или купувања куќи за млади брачни двојки, а за пензионерите исправање на историската неправда и зголемување на пензиите пет илјади денари линеарно“, истакна Николоски.

Додаде дека тука се и привлекувањето на странски инвестиции, по што е познато ВМРО-ДПМНЕ, како и стимулирање на домашните инвеститори.

„Но, за сето ова да го направиме, ние мора да го исчистиме криминалот од Македонија. Во моментов, олицетворение на криминалот и корупцијата во Македонија е политичката партија ДУИ. На овие избори се одлучува дали Али Ахмети ќе продолжи да газдува со Македонија или Македонија ќе се ослободи со влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со Христијан Мицкоски премиер. Тоа е едноставното прашање на кое треба да одговорат граѓаните, затоа повикуваме на голема, масовна, референдумска излезност. Сите кои што се во Македонија да излезат и да гласаат, оние кои што се во дијаспората, доколку можат, исто така да дојдат и да гласаат и на 8 мај да се случат промените во Македонија, за како што велиме, Македонија да е повторно твоја“, порача Николоски.