06/12/2024
Македонија

Од полноќ почнува аплицирањето за првата бескаматна линија кредити како поддршка на бизнисот во справувањето со КОВИД-19

Првите 5,7 милиони евра бескаматни кредити како директна помош за микро, мали и средни претпријатија во борбата со КОВИД-19 од полноќ се достапни на компаниите. Развојната банка на Република Северна Македонија денес на својата веб страница www.mbdp.com.mk го објави јавниот повик  за оваа прва кредитна линија, а аплицирањето почнува од 00:00 часот вечерва, соопшти на прес-конференција генералниот извршен директор на банката, Кире Наумов. 

„Во оваа прва фаза, директно ќе ги кредитираме најпогодените сектори – угостителство, туризам и товарниот транспорт. Целта на овие кредити е да им помогне на најпогодените сектори да ги премостат иницијалните ликвидносни потреби во овој период. Кредитите се со каматна стапка од 0%, рокот на отплата е до 24 месеци и грејс период од 6 месеци“, рече Наумов.

Наумов објaсни дека износот на кредитот за кој ќе може да аплицираат претпријатијата зависи од бројот на вработени. Претпријатија до 10 вработени, ќе може да аплицираат за износ до 5.000 евра, претпријатија од 11 до 50 вработени,  ќе може да аплицираат за износ до 15.000 еврa, а оние од  51 до 250 вработени за износ до 30.000 евра. Најниската сума за којашто може да се аплицира е 3.000 евра.

„Почитувајќи ги препораките за заштита на јавното здравје, целиот процес за аплицирање за овие средства ќе се прави електронски и неопходната документација ќе се доставува на единствена е-мејл адреса објавена во Јавниот повик (kreditiranjecovid1@mbdp.com.mk). Јавниот повик е достапен за сите на веб-страната на Развојна банка и во него се уредени критериумите кои треба да ги исполнуваат апликантите за овие бескаматни кредити, како и неопходните документи за аплицирање“, рече Наумов.

При подготовката на директната кредитна линија Банката и Владата посветија големо  внимание, да го олеснат значително процесот за аплицирање. При тоа, од документи се потребни тековна состојба, завршна сметка за фискалната 2019 година, потврда за платени даноци и придонеси од УЈП, потврда дека за претпријатието не се води стечајна или ликвидациона постапка од Централен регистар, ЗП образец од Централен регистар и кредитна апликација која ја има на веб-страната на Развојна банка, како и соодветни изјави кои треба да се поднесат во прилог. Сите информации во врска со аплицирањето за кредитна линија може да се најдат и на следните профили https://www.mbdp.com.mk/mk/vestihttps://www.facebook.com/Razvojnabanka/.

„Развојната банка ќе го следи развојот на настаните одблизу и ќе настојува и понатаму да биде поддршка на микро, малите и средни претпријатија во земјата, особено во овој период и периодот на закрепнување кој следи“, истакна Наумов.