Отворени денови на Владата за граѓански организации за Планот за чист воздух 2019

Во Владата на Република Македонија, денеска, се одржа четвртиот, од серијата отворени денови за иницијативи на граѓанските организации, на којшто се дискутираше за Програмата за намалување на аерозагадувањето, Програма С4, која ќе се имплементира преку 4 компоненти и соoдветни активности во рамки на оперативниот план, наречен „План за чист воздух“.

На Отворениот ден, како дел од циклусот консултации кои Владата ги организира со цел продолжување и зајакнување на постоечките практики на соработка со граѓанските организации, воведни обраќања имаа Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање, Никола Наумоски, претставник на Кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина и Ана Чоловиќ-Лешоска од здружението „Еко-свест“.

Дел од присутните граѓански организации презентираа сугестии и конкретни иницијативи поврзани со Акцискиот план во склоп на Програмата за борба против аерозагадувањето, а кои се однесуваат на нејзините четири главни компоненти и тоа: мерките за директно справување со причините за загадување, градење на јавната свест од предучилишна до пензионерска возраст, регулаторни промени, неопходни за транзиција кон енергетски систем со ниска емисија и имплементација на платформа за координација и следење на реализација на Програмата.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули во своето обраќање се осврна на важноста на партиципацијата на граѓанските организации, меѓународните организации, компаниите кои што произведуваат еколошки извори на загадување кои преку јавните кампањи и финансиските механизми ќе стигнат до што повеќе корисници кои нема да загадуваат, што како што подвлече е и основна цел на Програмата за намалување на аерозагадувањето.

Презентација

Заменик-министерот Макрадули, додаде дека веќе се во тек активностите за остварување на директните мерки за справување со причините за загадувањето, односно замена на неефикасните печки во домаќинствата со пониски приходи, како и инвестирање во енергетски ефикасни мерки во рамки на селектирани зони на ниска емисија, кој веќе се таргетирани од Министерството за животна средина и просторно планирање, поврзување на станбени згради на централно греење и замена на неефикасните системи за греење.

„Првите две активности кои ќе се случат во јануари, е поврзувањето на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, во кој што има 490 студенти, којшто за жал се загрева на мазут и за тоа трошат 230 тони во зимскиот период, што годишно ја чини државата и студентскиот центар 7 милиони и 100 илјади денари. Трошоците само за топлинската енергија, кога ќе се поврземе на топлинскиот оператор ќе бидат околу 5 милиони денари“, рече заменик-министерот Макрадули.

Тој подвлече дека освен за студентите, кои ќе престојуваат во поздрава средина оваа мерка ќе се рефлектира и на целокупното аерозагадување. Како втора конкретна мерка, Макрадули ја најави поддршката на иницијативата на Факултетот за земјоделски науки за одредување на една градинка и едно основно училиште во секоја општина, пред сѐ најзагрозените, каде студентите ќе засадат автохтони садници, со потекло од Македонија и ќе се создадат паркови.

Заменик-министерот додаде дека фокусирањето на затоплувањето е заради тоа што, со тоа не само што се намалува загадувањето, туку носи и заштеди во Буџетот.

„И затоа навистина сакам да ве замолам. Ова не е само еколошка работа, туку носи и економски бенефит. Ни треба гласот на јавноста“, подвлече Макрадули.

„Во своето излагање ќе се осврнам на четири од девет аспекти на Планот за чист воздух кај што се во надлежност на Град Скопје, а тоа се Инспекторатот на Град Скопје и контролите кои ги вршат службите, зазеленувањето, загревањето на домовите и транспортот“, рече шефот на кабинетот на градоначалникот на Град Скопје, Никола Наумоски, кој подетално информираше за активностите што Градот ги презема за отстранување на причинителите на аерозагадувањето.

Наумоски се задржа на позитивните резултати кои инспекциските служби кои работат во три смени ги извршиле во поглед на намалувањето на отворените огнови, секојдневните контроли на градилиштата и расчистувањето на неколку диви населби по течението на реката Вардар. Во делот на транспортот, Наумоски, покрај за проектот за изградба на трамвајска траса, информираше и за проект на Градот за обезбедување на 40 еко-автобуси, кои ќе бидат дводелни, ќе превезуваат повеќе граѓани и ќе трошат гас што е еколошки ефикасно средство.

Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина говорејќи за активностите што овој орган ги презема за заштита и обезбедување на животната средина, говореше за екипирањето на инспекциските служби и активностите кои ги преземаат на централно и локално ниво.

Ана Чоловиќ-Лешоска, од здружението „Еко – свест“ укажа дека ако се погледне ретроспективно, граѓанските организации од 2014 година воопшто не учествувале со препораки и мерки за консолидирање на проблемот со загадувањето и не бил земен предвид ниту Планот за аерозагадувањето со мерки и препораки во 2016 година.

„На наше големо задоволство веќе следната година огромен дел од мерките веќе беа влезени во програмите на кандидатите за градоначалници и воедно голем дел од овие препораки влегоа и во Програмата на Владата и ова е многу позитивно од аспект на „следен монитиринг“, потенцираше Чоловиќ-Лешоска.

Набројувајќи неколку области каде сите граѓани долгорочно треба да се вклучат во борбата со аерозагадувањето, Чоловиќ-Лешоска зборуваше за исполнување на стратешката определба на Владата и потребата од конкретен план насочен кон енергетската сиромаштија, односно го подржа размислувањето за забрана на горењето на дрво како огрев во урбаната средина во иднина и заклучи дека дрвото не е обновлив извор на енергија, туку загадувач.

Дел од присутните граѓански организации ги изложија иницијативите за имплементирање мерки за борба против аерозагадувањето. Нивните предлози се однесуваа на предлози за идентификување на супстандардни живеалишта како чест извор на загадувањето поради користењето на несоодветни извори на топлина кои го зголемуваат загадувањето, беа изнесени предлози за субвенционирање на филтри за задоволување на еколошките критериуми на претпријатија во Полошкиот регион, како и создавање на систем преку кој граѓаните ќе можат комплетно да го следат спроведувањето на Планот за чист воздух.

Во рамки на овој четврти „НВО Отворен ден“ како концепт кој Владата го спроведува во партнерство со Национален демократски институт, а кој служи како механизам за вклучување на граѓанските организации во процесот на креирање на политики, пристигнаа 5 иницијативи од еколошките организации. „НВО Отворен ден“ се одржува еднаш месечно, на различни теми на кои граѓанските организации имаат можност директно да влијаат политиките кои се носат.