Премиерот Заев и министрите Филипче и Нуредини учествуваа на Глобален бизнис форум „Блумберг“

Загрозената животна средина и економските кризи како најголемите закани и предизвици за глобалниот просперитет се централните теми на годинешниот, трет Глобален бизнис форум „Блумберг“, што се одржа за време на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, и кој ги собра шефовите на држави и влади со извршните директори и претседатели на управни одбори на најголемите глобални компании за да разговараат за изнаоѓање заеднички акции за овие прашања.

Премиерот Заев и дел од делегацијата на Владата, министерот за здравство, Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, учествуваа во работата на форумот на кој беа споделени искуствата и иницијативите кои имаат потенцијал да бидат одговор на климатските промени, со честите суши, недостатокот на вода што предизвикуваат сериозни последици во економијата, особено во земјоделството и дестабилизираат повеќе општества низ целиот свет.

Овие, и дополнително бегалските и миграциските кризи, се закана за повеќе од 50 проценти од населението во светот и затоа се налага потребата од итни одговори за кои од исклучителна важност е сојузот меѓу лидерите од јавниот и приватниот сектор. 

На Глобалниот бизнис форум „Блумберг“ во Њујорк беа презентирани повеќе примери за напредок што се постигнуваат преку партнерства и инвестиции меѓу јавниот и приватниот сектор на овој план, и форумот беше средина за средби и размена на идеи за иницијативи во кои активно учество зедоа премиерот Заев и министрите Филипче и Нуредини.

Во текот на денешниот ден, премиерот Заев ќе има свое обраќање на Дијалогот на лидерите, во рамките на Форумот на највисоко ниво на Самитот за целите за одржлив развој, како дел од програмата на 74-тото Генерално собрание на ОН.

Денешната програма на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија завршува со обраќањето на дебатата „Иднината на евро-атлантските интеграции на Западен Балкан: Каде оди Западен Балкан“ во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави во Њујорк.