Премиерот Заев напиша во книгата на жалоста за смртта на поранешниот претседател на САД Џорџ Х.В. Буш

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска напиша порака со изрази на длабоко сочувство за смртта на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави Џорџ Х.В. Буш, во книгата на жалоста што денеска беше отворена во амбасадата на САД во нашата земја.

Премиерот Заев во книгата на жалоста напиша: 

„Со смртта на поранешниот претседател на САД, Н.Е. г. Џорџ Херберт Вокер Буш, Соединетите Американски Држави загубија човек кој ќе остане запаметен како еден од најголемите претседатели, вистински лидер и пример за тоа како еден политичар треба да им служи на интересите на нацијата. 

Неговото богато државничко, политичко и хумано наследство, коешто тој го остави зад себе, и понатаму ќе продолжи да живее длабоко во срцата на американскиот народ, како и во сеќавањата на идните генерации.

Упатувам изрази на најискрено сочувство до сите членови на неговото семејство, како и до американскиот народ“.