11/10/2024
Македонија

Премиерот Заев на средба со мисијата на ММФ во Македонија: 2019-та се очекува да биде година за раст на економијата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со шефицата на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во Македонија, Џесмин Рахман којашто предводеше делегација на ММФ како дел од редовните годишни консултации што ММФ ги реализира.

Премиерот Заев ја оцени соработката со Меѓународниот монетарен фонд како значително важна, повика и понaтаму да го држат фокусот врз Македонија, да спроведуваат мониторинг на економските перформанси на нашата земја, како важен сегмент во креирањето на политики за обезбедување на економски прогрес и подобар животен стандард за граѓаните.

Оценките на ММФ во однос на економските перформанси на земјата се дека фискалната политика се движи во добар правец, обезбедена е макроекономска стабилност со добри перспективи во иднина и ја оценија пензиската реформа како добра за стабилизација на пензискиот систем. Она што и е потребно на земјата според препораките на ММФ како најголем приоритет е зголемување на продуктивноста, преку обезбедување на ефикасни институции и развој на нови вештини и знаења.

„ММФ е долгогодишен партнер на Република Македонија и многу добро ги познава сите аспекти во економијата. Особено ме радува фактот што ММФ констатира стабилизација на економски план. Започнавме процес на постепена фискална консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит кој оваа година е проектиран на ниво од 2.5%. Во предлог Буџетот за 2019 предвиден е раст на БДП од 3.2%. Очекуваме во третиот и четвртиот квартал од 2018, па и во првиот квартал од 2019 растот да се интензивира. Приходите од наплата на даноците растат и тоа покажува дека економијата е раздвижена и приватниот сектор бележи добри резултати во работењето. Сите овие позитивни аспекти охрабруваат и очекуваме следната година да биде година на економијата“ порача премиерот Заев и додаде дека преку значајни вложувања во тренинзи, обуки и програми за дуално образование за чие спроведување ќе помогнат и двајца советници од Сојузна Република Германија ќе се работи на зголемување на продуктивноста.