11/10/2024
Македонија

Премиерот Заев: Откако сум премиер со Груевски сум немал комуникација

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, на настанот во организација на МЕПСО, одговараше на новинарски прашања. 

Одговорите ви ги пренесуваме во целост:

Пратениците од независната пратеничка група (на ВМРО-ДПМНЕ, н/з.), најавија дека е можно да не го дадат својот глас за уставните промени.

Премиерот Заев: Веројатно да, мала ни е земјата, поврзано ни е општеството, правниот систем влијае на политичкиот, политичкиот на правниот, кога се носат одредени одлуки, но тоа не значи дека секој не треба да ја гледа својата работа.

Знаете дека имаше поддршка од 8 пратеници на опозицијата за да се отворат уставните промени и тие уште тогаш рекоа дека даваат шанса да почне процесот на промени на Уставот. Следува фазата за која е потребно обично, или, просто мнозинство, а некаде во јануари идната година повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство. 

Јас на овој процес во парламентот гледам како на политички дијалог, и гледам како преку инклузивни процеси да го зголемиме мнозинството. Жалам што пратениците велат дека тоа влијае на нив, но се надевам дека сите ќе останат на своите ставови. Како што тече процесот за нацрт амандманите, така расте и инклузивноста и јас се надевам дека после 1 декември, на пленарна сесија, ќе потврдиме амандмани за кои уште еднаш ќе потврдиме сериозна вграденост на опозицијата, од нивните дискусии и предлози во самите нацрт амандмани. Тоа за мене ќе значи потврдување на двотретинското мнозинство, па дури и негово зголемување. Тоа е мојата надеж. 

Она што исто така сакам недвосмислено да го истакнам како порака, е дека правото и правната држава, и владеењето на правото се императив во Република Македонија и не треба да има никакво мешање во правосудството. Понекогаш одлуките на правосудните органи, јавното обвинителство, СЈО и судовите, гледајќи ја својата работа влијаат на политичкиот процес, но јас верувам дека сите ќе се носиме со одговорноста што ја имаме. 
Пред сѐ ние политичарите, вклучувајќи ги и оние во парламентот. Пред нас е неповратен процес, процес кој ни дава шанса којашто не треба да се пропушти, и верувам дека Македонија ќе изнајде сила сите процеси да течат без да направат штета еден на друг до исполнување на конечната цел. Во парламентот тоа усвојувањето на уставните амандмани за членство во НАТО и ЕУ, а во правосудството тоа е владеењето на правото, независноста на судството, и одговорноста на секој што се огрешил пред законот. 

Дали после апсењето на Мијалков разговаравте со 8-те пратеници? 

Премиерот Заев: Со некои од нив воспоставивме контакт. Разговаравме, но пред сѐ во духот на дебатата во парламентот. Идната седмица во Собранието на РМ ќе се случи пленарна дебата како сублимат на работата во Комисијата за уставни прашања, а потоа и пленарна на 1 декември после која што ќе следува јавната расправа со граѓаните, со експерти, со МАНУ, со граѓанските организации. Низ тој процес ќе се дознае во која мерка опстојува двотретинското мнозинство.

Дали е вистина дека унгарски разузнавачи и дипломати помогнале да избега осуденикот Груевски од земјата?

Премиерот Заев: Сите видовме, па дури и самите земји потврдија дека со дипломатски возила на Унгарија, придружуван со унгарски дипломати, му било помогнато да стигне до Будимпешта. Тоа е повеќе од јасно. Јас верувам дека истрагата ќе ги отвори сите детали. Жалам што МВР сѐ уште не може да излезе со деталната информација, но сепак, почитуваат тие, почитувам и јас, дека Јавното обвинителство води детална истрага и дека додека трае истрагата не можат да ги споделат сите детали. Тоа што е возможно, досега се соопштува во јавноста, а тоа што претставува ризик да влијае врз квалитетот на истрагата треба да се испочитува.

Јас сум информиран. Знам досега до каде се стигнати работите од МВР и верувам дека многу бргу истрагата ќе заврши и ќе можат да бидат споделени сите што се случувало во Република Македонија. Знаеме што се случувало во Албанија, во Црна Гора, во Србија и во Унгарија. Останува прашањето како го дозволиле тоа 4 земји, наши пријатели, од нив три земји членки на НАТО, во кои владее правото, во наводници кажувам, дозволиле тоа да се случи. Но, затоа е истрагата која што треба да заврши за да се споделат информациите со јавноста.

Дали тоа значи дека унгарските разузнавачи од Македонија помагале Груевски да избега кон Албанија?

Премиерот Заев: Тоа е тој дел од истрагата кој што треба да заврши за да биде соопштен и од истражните органи и од МВР. 

Денеска излезе информација во медиумите дека Груевски непосредно пред да ја напушти државата последен со кој што се слушнал сте биле токму вие?

Премиерот Заев: Таман работа. Ќе испадне дека ние заедно тоа сме го договарале. Со господинот Груевски откако сум премиер, веќе година и половина, немам контакти. Последните контакти ги имавме кога парламентот беше заробен во онаа бесконечна дискусија пред да се случат немилите настани од 27 април. Разговаравме за можностите како да се одблокира процесот. Јасно е дека двотретинското мнозинство постојат за да не ја мачиме Македонија, ниту македонските институции. Тогаш беа последните разговори. Јас тоа го демантирав на медиумот што објави такви информации. Тие го нотираа демантот, но благодарам на прашањето, и уште еднаш да ја искористам приликата да соопштам дека откако сум премиер со господинот Груевски немам никаква комуникација. 

https://www.youtube.com/watch?v=nt9vbn-CufE