24/04/2024
Македонија

Премиерот Зоран Заев упати телеграма со сочувство за загубата на поранешниот Генерален секретар на ОН, Кофи Анан

Претседателот на Владата на Република Македонија упати телеграма со сочувство за загубата на поранешниот Генерален секретар на Обединетите Нации (ОН), Кофи Анан, до актуелниот Генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Во неа премиерот Заев напиша:

„Да продолжиме да работиме кон подобро организиран и помирен свет и на овој начин ќе ја оддадеме најголемата почит за големиот визионер, лидер, нобеловец и пред сѐ човек, поранешниот Генерален секретар на ОН, Кофи Анан.

Длабоко жалимe за загубата на Кофи Анан, како и целиот свет, изразуваме искрено сочувство до вас во Обединетите Нации, како колеги, до неговото семејство, но и до сите граѓани кои ја почитуваа и вреднуваа неговата работа како миротворец и борец за човековите права за сите луѓе.

Но, истовремено сакам да потсетам дека големите луѓе, како почитуваниот поранешен Генерален секретар на ОН, Анан, кои го посветиле својот живот на доброто во светот, остануваат да живеат во истиот тој свет преку делата со коишто придонеле за доброто во него.

За граѓаните на Република Македонија, Кофи Анан ќе остане запаметен како вреден пријател, поради неговиот придонес во демократскиот развој на државата, нејзиното меѓународно етаблирање и неговите заложби за обезбедување перспективна иднина на нашата држава и нашите граѓани во големото семејство на рамноправни народи и држави во светот.

За сето тоа остануваме засекогаш благодарни.

Нека почива во мир“.