Претседателот Пендаровски им честита на учесниците на 35. Охридски пливачки маратон

Претседателот Стево Пендаровски, како покровител на Охридскиот пливачки маратон, денеска ги пречека учесниците на 35 издание на маратонот.

На целта претседателот Пендаровски им упати честитки на учесниците за успешно завршената трка во исклучително тешки услови, посакувајќи им уште многу натамошни пливачки подвизи.

Аргентинецот Матијас Дијас Хернандес е победник на 35. пливачки маратон, а единствената учесничка во женска категорија, годинава, беше аргентинката Рита Ванеса Гарсија.

Наградниот фонд за победниците на Охридскиот пливачки маратон е обезбеден преку Агенцијата за млади и спорт.

Маратонот започна од манастирскиот комплекс „Св. Наум“, а заврши на градското пристаниште во Охрид. На 25 километри долгата патека „Климе Савин” се натпреваруваа вкупно 8 пливачи. Во машка категорија Арне Фурлан Штулар од Република Словенија, Франческо Гетини од Италијанската Република, Матијас Дијас Хернандес од Аргентинската Република, Сидрит Деску и Арион Будима од Република Косово, како и домаќините Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев.