08/12/2024
Македонија

Прифатена иницијативата за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 168 седница го усвои мислењето на Министерството за правда да се прифати иницијативата за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1993), поднесено од пратениците Сашко Костов и Диме Велковски.

Законот за помилување беше изменет и дополнет во 2009 година, кога беше укинат членот 11 кој содржеше можност за помилување без спроведување на постапка, се вели во мислењето на Министерството за правда.

Според ова мислење, во март 2016 година, Уставниот суд го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, но со укинувањето на законот од 2009 година, не се враќа во сила одредбата од членот 11. Тоа значи дека претседателот на Републиката немал, ниту пак сега има правна можност да даде помилување без спроведување на постапка врз основа на тој член и според тоа сите акти за помилување на претседателот на државата засновани на член 11 од Законот за помилување објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 20/1993, се незаконски и како такви ништовни.

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информација за воведување на БРТ (Bus Rapid Transit) на територијата на Град Скопје, кој претпоставува воспоставување на коридори резервирани исклучиво за капацитетни автобуси на електричен, или хибриден погон (плин и електромотори). Овој систем коридори на популарно нареченото автобуско метро ќе овозможи траса која е физички издвоена од останатите учесници во сообраќајот со што се обезбедува многу побрз и побезбеден транспорт, што ќе го направи јавниот превоз атрактивен и алтернатива на користењето на приватните возила за да се намали аерозагадувањето.

Во врска со оваа точка, Владата го задолжи Министерството за финансии да ја започне постапката со писмо за намери до Европската банка за обнова и развој за поддршка за изработка на физибилити студија, како и за можните опции за финансирање на комплетниот проект.

На оваа своја седница, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата го утврди Предлог-Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се предлага дополнително усогласување на пензиите, покрај редовното усогласување на уредено со член 37 став (1) и (3) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Дополнителното усогласување зависи е поврзано со порастот на минималната плата за повеќе од 15% и порастот на просечната плата за повеќе од 5%. На овој начин вредноста на пензијата се дава можност висината на пензиите да расте со вредноста на платата, што овозможува подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија.

Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за План за Гаранција за млади 2020-2022 година, со план за спроведување на територијата на целата земја и ќе биде насочена кон сите млади лица од возрасната група од 15 до 29 години што законски престојуваат во  Република Северна Македонија и не се вработени и не се вклучени во образование или обука. 

Ова е третата фаза од имплементацијата на оваа мерка која во двете пилот фази по региони даде одлични резултати во процесот за вработување на младите.

Владата на Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата за продолжување на постоечкиот проект за изградба и опремување на спортски сали во основните училишта, и рехабилитација на основни и средни училишта за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за опремување на 50 постоечки училишни спортски сали во основни училишта во рамки на 5-от отворен повик на Инструментот за инвестициска рамка за Западен Балкан (WBIF) до Европската Комисија, најдоцна до 06.12.2019 година.

На оваа своја седница Владата го усвои предлог – закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај германската банка за поддршка на развојот КфВ за финансирање на Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија.

Владата денеска ја одобри постапката за преговори за потпишување на Спогодба меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за отворање на нов заеднички Граничен премин „Лојане-Миратовац“.

Министерството за одбрана предложи, а Владата денеска прифати да се додели хуманитарна помош на Република Албанија, која се состои од 3716 ќебиња, за потребите на настраданите во земјотресот од 26.11.2019 година кој го погоди градот Драч и околината.

Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за потпишување Договор за грант за набавка на музички инструменти и опрема за звук и осветлување на Национална опера Владата на Јапонија ја додели на оваа наша национална установа.