Спасовски: Ги зајакнуваме меките мерки, го продолжуваме времето за слободно движење, сите да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски и министерот за здравство д-р Венко Филипче, одржаа прес конференција на која ги соопштија одлуките и уредбите со законска сила донесени на денешната седница на Владата за зајакнување на меките мерки, односно мерките за претпазливост, како и за одлуките за олабавување на некои од рестриктивните мерки.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:

Борбата со коронавирусот е се уште во својот врв. Поради таа борба, различно живееме, различно комуницираме, работиме, се движиме – радикално се променија нашите животи и навики.
Несомнено е дека оваа состојба ќе потрае.

Но, дали оваа состојба ќе трае подолго или пократко, сите ние можеме директно, како граѓани, како индивидуи – да влијаеме. Освен врз времетраењето, можеме да влијаеме и врз начинот на кој ќе живееме.

На денешната седница на Владата, врз основа на анализите и препораките на Комисијата за заразни болести, на Институтот за јавно здравје и на Министерството за здравство, донесовме повеќе одлуки и уредби за зајакнување на меките, на полесните мерки, или на дел од така наречените мерки на претпазливост – паралелно донесовме одлуки за олабавување на некои од рестриктивните мерки. На овој начин, ограничувањата ќе се намалат, внимателноста ќе се зголеми и така ќе обезбедиме здравјето на граѓаните да биде заштитено.

Досегашните мерки, креирани од стручните лица, беа создавани земајќи го предвид пикот кој што ни претстоеше, како и од степенот на ефикасност од почитувањето на мерките, и предизвиците кои се јавуваа во нивната имплементација.

И со потполно право, и со исправена глава, можеме да кажеме дека мерките дадоа ефект. Ја задржуваме ниско кривата на новозаболени, и бројките ни докажуваат дека стратегијата е добра и дека имаме континуирано линеарен број на новозаболени во рамките на предвиденото, кој е го следи и бројот на оздравени.

Уште поважно, бројките ни покажуваат дека имаме мал број на заразени возрасни лица, кои се најризичната категорија, и кои можеме да кажеме дека се заштитени токму поради досегашните мерки.

Во последните три дена има последователно повеќе оздравени од новозаразени.

Од овие причини, почнувајќи од утре, четврток, 23-ти април, се намалуваат рестрикциите на движењето.

Секој работен ден, од понеделник до петок ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19:00 часот и ќе трае до 05:00 часот наутро.

За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05:00 часот наутро до 12:00 на пладне.

Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.

Се намалува и ограничувањето на движење за време на викендите.

Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро.

Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05:00 часот наутро до 11:00 часот наутро.

Во сабота, младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.

Намалувањето на рестриктивните мерки никако не смее да значи опуштање и неодговорно однесување ниту кон себе, ниту кон семејството, ниту кон останатите граѓани. Напротив, намалувањето на рестриктивните мерки значи дека се зголемува нашата лична одговорност и за наша и за заштита на луѓето околу нас.

Многу е важно секој  од нас да разбере и да почитува, при секое излегување надвор, строго да се придржуваме до мерките за лична заштита, да носиме заштита за лицето, односно носот и устата, маска, марама или шал, да држиме физичка дистанца од 2 метри и да не се групираме затоа што само така го штитиме сопственото и јавното здравје.

Да бидеме одговорни, да ги почитуваме мерките кои штитат од коронавирусот.

Почитувањето како и зајакнатата имплементација на меките, лесните мерки, ќе овозможи контрола на ширењето на вирусот и заштита на граѓаните од изложеност на заболени лица.
Меките мерки предвидуваат зајакната индивидуална одговорност со цел заедничка борба за колективно здравје.

Таква мерка е задолжителното држење растојание од 2 метри од лицата околу нас на затворени и отворени простори.

Значаен процент од заболените од коронавирус се асимптоматски. Тоа ја зголемува опасноста. Токму лицето кое стои пред вас во ред може да е заболено, а да не знае. Само 2 метра се потребни за да се заштитите себеси, и тие околу вас.

Тоа ќе овозможи слободно движење на оние кои ги почитуваат мерките, без ризик по нивното здравје.

Следна мека мерка за претпазливост е задолжителното носење заштитна опрема за покривање на устата и носот.

Заштитна опрема за лице и нос може да биде респираторна маска; хируршка маска за еднократна употреба; текстилна маска за повеќекратна употреба; свилена марама или шал, памучна марама или шал, и други слични прекривки за нос и уста.

Физичката прекривка на носот и устата кај сите граѓани ќе овозможи прекин на преносот на вирусот. Повеќето заболени од коронавирусот, заболуваат преку вдишување на капки со вирусот издишани или искашлани од некој во непосредна близина. Физичката прекривка на носот и устата ќе го спречи тоа.

Оваа мерка ќе отпочне да се применува на целата територија на државата од утре, 23-ти април.

Маските или марамите треба да се носат при движење на отворен простор, затворен јавен простор и во јавниот сообраќај.

Заштитна опрема задолжително се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица, како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи како и при користење јавен превоз.

На отворено, заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да ја одржувате физичката дистанца од 2 метри до другите лица во близина.
На отворено, заштитна опрема НЕ се носи само ако престојувате во дворот или терасата од вашиот дом; ако возите велосипед, ако спортувате на отворено или ако се возите во патничко возило со лица со коишто живеете во заедница или домаќинство.

Да бидеме крајно внимателни. Да бидеме одговорни и да ги почитуваме мерките кои штитат од коронавирусот.

Забрана за групирање повеќе од 2 лица.

Ова е мерка која е активна подолго време. Епидемиолозите јасно укажаа дека локалната трансмисија се случува кога поминуваме значително време во непосредна близина на веќе заразено лице. Да држиме растојание од 2 метри во затворени и отворени јавни простори. Никогаш да не се групираме повеќе од 2 лица, при што во група од двајца не се вбројуваат децата под 14 години на тие лица.

Задолжителна самоизолација после тестирање.

Тоа значи дека сите домашни и странски физички лица, без оглед на тоа дали имаат симптоми или не, после тестирањето влегуваат во задолжително самоизолирање се до добивањето на резултатот од тестот.

Оваа мерка е утврдена со Уредба со законска сила која влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до крај на пандемијата со КОВИД-19 прогласена од Светската здравствена организација.

Почитувани граѓани,

Важно е да разбереме дека колку повеќе се имплементираат меките мерки, толку помала ќе е потребата од долги ограничувања на движењето. Разлабавувањето на ограничувањето на движењето со задолжителна опрема ќе овозможи поголем прозорец за извршување на дневните обврски, а со тоа и помала гужва односно помали редови за чекање низ пазарите и маркетите.

Мерките мора да се почитуваат, тие се задолжителни!

Намерата на Владата не е да казнува, туку да се подигне свеста и индивидуалната одговорност за почитување на мерките, а во заштитата од ширењето на вирусот.

Новите зајакнати меки мерки служат и како влез во реорганизирање на економијата како и во социјалниот дел од нашето живеење. Тие водат кон стабилизација, и кон дефинирањето на новите околности во кои животот ќе продолжи.

Успеавме да го држиме ниско растот на заразени лица, и тоа се должи во голема мера на почитувањето на мерките од страна на граѓаните.

Почитувани граѓани, со тоа што издржавте, и останавте дома во клучниот период, вие станавте јунаците кои влијаевте врз успорениот пораст на новозаболените, односно на „исправање на кривата“ и во таа насока сега заедно сите треба да продолжиме кон имплементацијата на меките мерки. Пикот е се уште тука, но ефектите од почитувањето на мерките се видливи за сите.

Неизмерна благодарност и за нашите херои, здравствените работници, кои се на првата борбена линија со вирусот и кои безрезервно се вложуваат во оваа борба, за која верувам дека ќе се избориме заедно и ќе победиме. Голема благодарност, уште еднаш, до Армијата, Полицијата, до медиумските работници, до пожарникарите, до општинските комунални служби, до сите кои помагаат животот да тече полесно во овие вонредни околности.

На крајот апелирам уште еднаш: Секогаш држете 2 метри физичка дистанца, носете заштитни маски и не се групирајте. Останете дома ако не мора да излегувате.

Да ги почитуваме мерките!

Секој може да даде придонес за јавното здравје и за наскоро да можеме заедно да го вратиме животот во новата нормала.

Ви благодарам.

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на прес-конференцијата информираше дека расте бројот на излекувани пациенти, факт кој охрабрува и претставува дополнителна мотивација, најмногу за здравствените работници кои работат во болниците, меѓутоа и за матичните лекари кои што ги водат пациентите на домашно лекување.

„Денеска со два негативни теста се регистрирани 48 излекувани пациенти – 6 лечени во болнички услови, 42 на домашно лекување. Вкупниот број на излекувани пациенти денеска во нашата земја изнесува 272. Имаме еден починат пациент во болницата „8ми Септември“ на возраст од 51 година, којшто таму се лекувал од 9ти април во навистина тешка здравствена состојба. Во однос на денешната бројка на новопотврдени случаи, во изминатите 24 часа направени се 660 тестирања, а регистрирани 28 нови пациенти – во Скопје-11, во Куманово-2, Прилеп-9, Тетово-2, Велес-3 и за првпат 1 пациент во Валандово. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти изнесува 1259, односно 931 активен случаи“, рече министерот Филипче.

Досега, во земјава се направени 13 000 тестирања. Ова е една бројка која не сместува во земјите во регионот со практично најголемиот број на тестирања.

„Од почетокот на епидемијата, во континуитет го надградуваме системот, додаваме нови лаборатории – со тоа  се обидуваме да се скрати максимално што може времето на чекање. Денеска практично во функција е ставена лабораторијата во МАНУ и тоа сметам дека значително ќе придонесе во скратување на времето на чекање, а посебно за болниците од внатрешноста на земјата“, потенцираше министерот Филипче.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа примени се 7 нови пациенти – по двајца од Скопје и Тетово, тројца од Куманово. Хоспитализирани се вкупно 63. Од тие 21 се на кислородна поддршка, четворица се на механичка вентилација. Има сосем доволен број на респираторни  машини, исто како што има и во болницата „8ми Септември“ каде се примени во изминатите 24 часа 7 нови пациенти, а вкупно на респираторна машина се 4. 

Во сите други болнички установи на инфективни одделенија  состојбата на пациентите е стабилна, нема некоја значајна промена во однос на состојбата од претходниот ден.

„Од денеска на Инфективната Клиника како поддршка на нашиот тим доброволно престојува еден наш кардиолог доктор Игор Балески, којшто долги години живее и работи во Универзитетската болница во Марибор со огромно искуство во третман на пациентите на интензивна нега. Тој е кардиолог, меѓутоа сметавме дека неговото искуство во третман на овие пациенти ќе помогне и при третманот на нашите пациенти на Инфективната Клиника. Тој се понуди да дојде и сега две недели практично со отсуство од Словенија ќе волонтира, ќе работи со нашите колеги. Денеска за првпат престојуваше на Инфективната Клиника. Сакам да изразам голема благодарност до колегата и уверен сум дека неговиот придонес во оваа ситуација навистина ќе биде од големо значење и за пациентите и за членовите на медицинскиот тим на Инфективната Клиника“, изјави министерот Филипче.

Завршен е увидот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во Велес. Денеска е финализиран извештајот и се утврдени одредени наоди. Филипче истакна дека останува утре во текот на денот да се направи конференциски разговор-состанок со директорот на ЦЈЗ и уште неколку раководители на одделенија за да се одлучи како понатаму ќе се постапи.

„Завршен е и инспекцискиот надзор на Клиниката на Онкологија и таму се потврдени 8 позитивни вработени на КОВИД вирусот – тројца доктори, три медицински сестри, двајца болничари и 20 контакти се ставени во изолација. Засега нема симптоматски од тие контакти, работата е целосно во функција. Направена е реорганизација таму каде што е потребно и дополнително на сето тоа до петок ќе биде спремен и новиот распоред за дисперзирано делење на субкутаната терапија. Тоа е таа терапија која што може да се дава и по Клиничките болници, распоредот на пациенти е веќе направен и таа терапија ќе се дели во Штип, Битола и во Тетово како најголеми болнички установи, заради тоа што таму има и онколози коишто може да го контролираат давањето на терапија, а пациентите нема да мора да патуваат до Скопје. Во петок или најкасно во понеделник таа терапија ќе биде поделена во овие болници“, информираше министерот Филипче.

Во однос на Детската Клиника и пристигнатите прашања во текот на вчерашниот ден, министерот Филипче рече дека нема затворени оддели. Има намален број на лежечки пациенти, нема голема концентрација, нема нови позитивни, практично од вработените освен лаборант, медицинска сестра и докторката на имунологија и 26 кои се во самоизолација.

„Во однос на информациите во врска со третманот на четиримесечното бебе на Инфективната Клиника, дозволете да најенергично демантирам дека третманот не бил соодветен, посебно што јас лично бев вклучен во ова одговарајќи на дел од новинарски прашања во изминатиот период, па дури и за дел од стручниот пристап бев информиран дека и визитите и делењето на терапијата се одвива по сите протоколи и секако во координација и практично секојдневна консултација со педијатар којшто конзилијарно доаѓаше на инфективната клиника“, посочи Филипче.
Денеска Владата на препорака на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести донесе нови мерки, порелаксирани во однос на движењето на граѓаните, а министерот Филипче потсети дека ова намалување на рестрикцијата на движењето во комбинација со носењето на заштитни маски во затворена просторија и на отворено тогаш кога не може да се запази соодветната дистанца всушност значи зајакнување на превентивните мерки.

„Прекривка на устата или носот, маска, шал или марама тогаш кога не може да се одржи физичката дистанца сметаме дека е клучна во дополнителната превенција во однос на ширењето на вирусот. Ова е исклучително важно сега да се почитува заради тоа што само така ќе го одржиме стабилен овој тренд којшто го имаме на епидемијата досега, во смисла на линеарен пораст на бројот на пациенти. Успешно го избегнуваме уште од почетокот значајното зголемување на бројот на ново-дијагностицирани пациенти. Со тоа, здравствениот систем добро го амортизира бројот на пациенти коишто треба да се третираат. Веќе два месеци имаме успешна борба и сите овие мерки ги носиме по препорака на Комисијата за заразни болести каде членуваат искусни експерти од областа на епидемиологијата, интерната медицина, инфектологија се медицински аргументирани, а така ќе остане и во иднина. Останува на нас, на граѓаните да се прилагодиме кон овие промени и да се почитуваат сите овие мерки заради тоа што само така поскоро ќе ставиме крај на оваа криза“, истакна Филипче.