Средби на Димитров и потпретседателот на ВРСМ Османи со Анагностопулу, алтернативната министерка за надворешни работи на Грција

Средба на МНР Никола Димитров со Атанасиа Анагностопулу

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска, оствари средба  со алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Атанасиа Анагностопулу, која вчера и денес престојува во работна посета на Република Северна Македонија.

За време на средбата МНР Димитров и АМНР Анагностопулу потпишаа Спогодба за отворање на нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро, Маркова нога – Лемос. Ова е прв договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција, согласно одредбите од Конечната спогодба, со кој се очекува дополнителен развој во односите, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот регион.

На средбата со АМНР Анагностопулу беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на Преспанскиот договор со цел осмислување и развивање на сеопфатна и интензивна соработка во сите области, чија што крајна цел се позитивни, видливи и конкретни резултати во полза на граѓаните на двете земји. Беше рaзговарано и за поддршката што Грција и ја дава на нашата земја во контекст на евроинтегративниот процес.

Ова е прва посета на министерот Атанасиа Анагностопулу надвор од Грција по нејзиното преземање на функцијата алтернативен министер за надворешни работи, што ја отсликува важноста што Владата на Грција и’ ја дава на односите со Република Северна Македонија.


Средба на Заменик Претседателот на Владата, Бујар Османи со Атанасиа Анагностопулу

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денес беше домаќин на делегација од Република Грција предводена од Алтернативната министерка за надворешни работи, Атанасиа Анагностопулу.

На средбата беа отворени темите поврзани со евроатлантските интеграции на земјата, исполнувањето на обврските кои произлегуваат од Преспанскиот договор, грчката поддршка за отпочнување на преговорите за членство на Република Северна Македонија со ЕУ, билатералната соработка меѓу двете земји, особено прекуграничната соработка која подолго време се реализира со средства од ИПА, како и можностите за регионална соработка.

„Потпишувањето на Договорот од Преспа ја одбележа новата ера на билатерални односи помеѓу нашите земји, а периодот кој ни претстои ќе го одбележи новиот моментум во евроинтегративниот процес на Северна Македонија со очекуваната конфирмација на одлуката за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ“, истакна Османи, притоа посочувајќи дека напредокот во политичките односи помеѓу Грција и Северна Македонија ќе се потврди со силната грчка поддршка во претстојниот период, пред јунските самити.

Во рамките на средбата Вицепремиерот Османи и Министерка Анагностопулу разговараа и за можностите за соработка помеѓу администрациите на двете земји за унапредување на соработката и размената на искуства во текот на подготовките на администрацијата и останатиот дел од преговарачката структура за успешен старт на преговорите со Европската Унија.