06/12/2024
Македонија

Филипче и Жерновски: Унапредувајќи ја регионалната соработка со земјите од ЈИЕ, разменуваме позитивни практики и искуства во интерес на подобрување на грижата кон пациентите

Во рамки на овогодинешното македонско претседавање со Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, а во координација со Извршниот Комитет и Секретаријатот на оваа регионална организација на 20 и 21 јуни 2019 година во просториите на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржува редовниот 41. Пленарен состанок на ниво на националните координатори на државите членки, нејзините партнери, како и други високи гости и пријатели на оваа регионална организација со седиште во Скопје.

Главна тема покрај редовните активности на оваа регионална иницијатива е и една од најголемите предизвици во регионот, а тоа е спречување на процесот на заминување на младата работоспособна сила од областа на медицината.

Од минатата година, Здравствената мрежа на ЈИЕ ја фокусира својата работа на постигнувањето на Универзална Здравствена Покриеност за секого и насекаде во регионот на Југоисточна Европа. Еден од чекорите беше организирање на Министерскиот состанок во Израел за „Обезбедување примарна здравствена заштита за населението кое старее“. Состанокот ја истакна важноста на примарната здравствена заштита за да се постигнат заедничките цели за 21-ви век.

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во своето поздравно обраќање истакна дека системот за Примарна Здравствена Заштита (ПЗЗ) е камен-темелник на нашите здравствени системи и обезбедува грижа насочена кон луѓето во насока на справување со зголемената појавата на хронични болести, незаразни болести, ментално здравје и мулти-морбидитет.

„Горд сум што можам да напоменам дека и на национално ниво и во текот на минатата година ја унапредувавме ПЗЗ како суштински столб за одржливи и издржливи здравствени системи и од клучно значење за здравствената безбедност и подготвеноста за итни случаи. Во месец февруари 2019, заедно со Светската здравствена организација го организиравме Националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“. Нашата држава е првата земја во светот која го зајакнува системот на спроведување на примарната здравствена заштита, врз основа на Декларацијата од Астана која беше усвоена во октомври 2018 година“, изјави министерот Филипче. 

На 41. Пленарен состанок, министерот Филипче потенцираше дека преку вработувања, зголемувања на платите, едукации и грижа за здравствениот кадар, ќе се задржат лекарите да останат во државата и работат во јавното здравство, а со тоа да се намали одливот на работната сила.

„Во изминативе 2 години, повеќе од 3.200 согласности се дадени за вработување во јавното здравство. Во 2018 година, за 5% ги зголемивме платите на здравствените работници. Оваа година, зголемени се за дополнителни 5% за медицинските сестри и 10% за докторите специјалисти. Во септември 2019 година, следува зголемување од 5% и за останатите здравствени работници“, информираше министетот Филипче и додаде дека зголемени се коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа. 

Приватните специјализанти за првпат се платени за својата работа во висина од просечна плата на општ лекар. Додека пак, со промената на Законот за здравствена заштита, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавното здравство. Секој лекар којшто ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на Здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега. 

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски ја потврди активната улога на Република Северна Македонија во овогодинешното претседавање со оваа мошне активна и влијателна регионална иницијатива, која е единствена од овој профил во делот на Југоисточна Европа.

„Темата за здравствените политики и изнаоѓањето на заеднички решенија и мотиви за унапредување на севкупниот простор од областа која е дел од многуте повелби и декларации, тргнувајќи од ООН преку ЕУ и други најголеми светски организации е една од највлијателните и клучни елементи кои во последно време заземаат се повеќе интерес од сите граѓани во нашите држави“, рече заменикот министер Жерновски.

Според ЗМНР Жерновски, особено радува фактот што во изминативе години токму Здравствената мрежа на ЈИЕ и нејзиниот Секретаријат мотивираа и развија огромен број на инструменти преку кои се разви широка свесност за специфични проблематики од здравствените политики, како во примерот на работилницата од Молдова организирана во соработка со ТАЕКС во мај, оваа година.

Жерновски потсети и на заедничката изјава во рамки на 72 парламентарна сесија на Светската Здравствена организација каде државите од регионот на ЈИЕ ги потврдија своите аспирации за интегративна здравствена политика и заеднички чекори кон достигнување на целите од Агендата 2030 – на ООН.

Заменик министерот Жерновски потенцираше дека единствено со заеднички мотивирања и обезбедување на подобри услови за работа и просперитет на сите одлични кадри ќе се намали одливот на млади здравствени работници. Единствено со свесно прифаќање на овој проблем и пристап во кои јасно ќе се поддржат најдобрите примери во линија да останат во своите држави е можеби најблиско решение за надминување на оваа широка и опасна болест на модерните токови во нашиот Балкан.

Одличната регионална соработка и интегративниот пристап, секогаш носи чекор напред за сите. Состанокот е во рамки на овогодинешното македонско претседавање (јули 2018 – јуни 2019) со Здравствената мрежа на ЈИЕ, а во координација со Извршниот Комитет и Секретаријатот на оваа регионална организација.


Министерот за здравство Филипче на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на земјите од ЈИЕ: Примарната здравствена заштита е суштинскиот столб за одржлив здравствен систем, со конкретни мерки ги задржуваме нашите лекари во државата

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска учествуваше и се обрати на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа за работната сила во здравството во регионот на ЈИЕ, Предизвици и можности: одлив на мозоци – прилив на мозоци. 

Заблагодарувајќи им се на колегите од Министерството за надворешни работи, министерот Филипче како домаќин на денешниот состанок, министерот за здравство Филипче, посочи дека ова е симболична завршница на едногодишниот мандат на Претседателството во рамките на Здравствената мрежа на ЈИЕ.

Во продолжение Ви го испраќаме интегралниот текст од изјавата на министерот за здравство, д-р Венко Филипче. 

„Од минатата година, Здравствената мрежа на ЈИЕ ја фокусира својата работа на постигнувањето на Универзална Здравствена Покриеност за секого и насекаде во регионот на Југоисточна Европа. Еден од чекорите беше организирање на Министерскиот состанок во Израел за “Обезбедување примарна здравствена заштита за населението кое старее”. Состанокот ја истакна важноста на примарната здравствена заштита за да ги постигнеме нашите заеднички цели за 21-ви век. Системот за Примарна Здравствена Заштита (ПЗЗ) е камен-темелник на нашите здравствени системи и обезбедува грижа насочена кон луѓето во насока на справување со зголемената појавата на хронични болести, незаразни болести, ментално здравје и мулти-морбидитет. Горд сум што можам да напоменам дека и на национално ниво, ние, исто така, во текот на минатата година се стремевме да ја унапредиме ПЗЗ како суштински столб за одржливи и издржливи здравствени системи и од клучно значење за здравствената безбедност и подготвеноста за итни случаи. Во месец февруари 2019, заедно со Светската здравствена организација го организиравме Националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија“. Нашата држава е првата земја во светот која го зајакнува системот на спроведување на примарната здравствена заштита, врз основа на Декларацијата од Астана која беше усвоена во октомври 2018 година.

Преку вработувања, зголемувања на платите, едукации и грижа за здравствениот кадар, ќе се задржат лекарите да останат во државата и работат во јавното здравство, а со тоа да се намали одливот на работната сила. Во изминативе 2 години, повеќе од 3.200 согласности се дадени за вработување во јавното здравство. Во 2018 година, за 5% ги зголемивме платите на здравствените работници. Оваа година, зголемени се за дополнителни 5% за медицинските сестри и 10% за докторите специјалисти. Во септември 2019 година, следува зголемување од 5% и за останатите здравствени работници. Ги зголемивме коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа. Приватните специјализанти за првпат се платени за својата работа во висина од просечна плата на општ лекар. Додека пак, со промената на Законот за здравствена заштита, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавното здравство. Секој лекар којшто ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на Здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега.

Во светот имаме Глобален кодекс за пракса на СЗО за меѓународно регрутирање на здравствени кадри кој има за цел да воспостави и промовира доброволни принципи и практики за етичко меѓународно регрутирање на здравствениот персонал. Земјите-членки треба да го обесхрабрат активното вработување на здравствениот персонал од земјите во развој кои се соочуваат со критички недостаток на здравствени работници. Иако реалноста е поинаква и сите ние ја знаеме. За да одговориме на овој предизвик, ќе го користиме Кодексот за да служиме како континуирана и динамична рамка за дијалог и соработка, особено за да се обесхрабри одлив на мозоци од земјите со пониски приходи со веќе кревки здравствени системи.

И, конечно, би сакал особено да го истакнам значењето на соработката на ЗМЈИЕ со Европската регионална канцеларија на СЗО за Европа, особено во рамките на Стратегијата за субрегионална соработка за периодот 2018-2023 година, потпишана на 10 јули 2018 година во Тел Авив, под израелското претседателство. Во овој контекст, би сакал да истакнам дека располагаме со главните инструменти за усогласување за зајакнување на меѓудржавните и меѓусекторски активности на ниво на ЈИЕ насочени кон здравјето на регионално ниво, за промовирање на меѓусебно поддржани политики за постигнување на универзална здравствена покриеност и ОН 2030 Агендата.

Во овој дух, со нетрпение ги очекувам нашите денешни намери да ги здружиме напорите, под единствениот покрив на ЗМЈИЕ, со помош и напори на Секретаријатот, би сакал да им се заблагодарам на сите вас и да поттикнам да ја покажеме нашата заедничка заложба за засилување на влијанието и да се зборуваат еден глас за најдобар интерес на нашето население“.


Заменик министерот за надворешни работи Жерновски од 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа: Зајакнувањето на регионалната соработка е наш врвен приоритет

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски денеска учествуваше и се обрати на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа за работната сила во здравството во регионот на ЈИЕ, Предизвици и можности: одлив на мозоци – прилив на мозоци. 

Поздравувајќи ги делегатите од Државите членки на ЗМЈИЕ, односно од Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Државата Израел, Република Молдавија, Црна Гора, Романија и Република Србија, заменик министерот за надворешни работи Жерновски посочи дека денешниот состанок е од посебно значење за Република Северна Македонија, имајќи предвид дека земјата не само што е седиштето на Секретаријатот на ЗМЈИЕ, туку и оствари едногодишен мандат како земја Претседавач со Здравствената мрежа на ЈИЕ. 

Во продолжение Ви го испраќаме интегралниот текст од изјавата на заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски. 

„Денешниот состанок е од посебно значење за нас имајќи предвид дека Република Северна Македонија не само што е седиштето на Секретаријатот на ЗМЈИЕ, туку и оствари едногодишен мандат како земја Претседавач со Здравствената мрежа на ЈИЕ. Понатаму, сите може да се гордееме со успехот кој оваа Организација го покажува во континуитет, а кој можевме да го посведочиме, не заборавајќи дека таа е првиот изворен глас на Регионот во областа на јавното здравство која е основана во духот на солидарноста, отворениот дијалог, заемното почитување и инклузивноста. 

Треба да се потсетиме на бурните времиња кога ЗМЈИЕ беше основана (во 2001-та година) и да подзастанеме за да си оддадеме признание за големиот напредок кој го постигнавме оттогаш. Веќе многупати досега се докажа дека регионалната соработка единствено може да донесе корист, а тоа пак особено важи кога станува збор за здравствените прашања, имајќи предвид дека на болестите не им требаат пасоши, ниту пак познаваат граници. 

Во тој контекст, Здравствената мрежа на ЈИЕ донесе повеќе перспективи и напредок, знаејќи дека од нејзиниот прв состанок кој своевремено наиде на многу тивок одек, па сѐ до денес кога ЗМЈИЕ подготвува и истакнува заеднички потпишани Изјави на различни настани од глобален карактер, застапувајќи повеќе од 55 милиони луѓе од целиот регион на ЈИЕ. 

Денешницата изобилува со промени кои секако не го заобиколуваат ниту Регионот на ЈИЕ. Ова е време за нови почетоци, од изборот на новиот состав на Европскиот парламент, преку новата Европска комисија, па сѐ до изборот на нов Регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа кој наидува во претстојниот период. Во таа насока, сите ние во рамките на ЗМЈИЕ ќе ги разгледуваме нашите ставови во однос на прашањето како најдобро можеме да им помогнеме на нашите народи. Каква улога би можеле да преземат институциите и структурите на ЕУ за да им помогнат на Државите членки на ЗМЈИЕ да се соочат со универзалните предизвици како што се сигурноста на пациентите, работната сила во здравството и здравствените информации, преносливите и непреносливите болести, итн? Како може да се заштитат суштинските составни елементи на цврсто изградените здравствени системи како што се примарната здравствена заштита и вакцинацискиот екосистем, но и да се обезбеди просперитетна работна сила?      

Миграцијата на работната сила и предизвиците кои таа ги создава претставуваат заеднички проблем кој го споделува целиот Европски регион, а тоа особено важи и за нашите земји. Токму затоа, имајќи го како цел премостувањето на различните состојби во кои се наоѓаат сите наши земји во поглед на здравството, Мрежата на ЈИЕ претставува совршена платформа за создавање и поттикнување соработка на етички начин која ќе придонесува кон безбедноста и одржливиот развој на Регионот. Во тој контекст, заложбата на ЗМЈИЕ за градење потесни односи на соработка со ЕУ врз основа на европските вредности и поддржана со експертизата на СЗО заслужува особено внимание. 

ЗМЈИЕ дава свој придонес кон целокупниот напредок на сите наши земји и служи како поттик за воспоставување и одржување ефикасна мрежа на контакти и соработка. Заслужува да се одбележи и дека Мрежата е препознаена како доверлив партнер и надвор од Регионов. Во тој поглед, заедничките напори треба да се насочат кон охрабрување на активното прибирање на здравствени кадри од земјите во развој во кои постои алармантен недостаток на здравствени работници. Сепак, реалноста зборува нешто друго и сите сме свесни за истото. За да се справиме со овој предизвик, ќе се водиме од Глобалниот кодекс на практики на СЗО за меѓународно регрутирање на здравствени кадри, кој ќе ни послужи како една континуирана и динамична рамка за дијалог и соработка, особено во насока на спречување на одливот на мозоци од земјите со помали просечни примања чии здравствени системи и онака се доволно кревки. 
 
Дами и господа, 
 
Кон самиот крај на моево излагање, би сакал да потцртам дека наш врвен приоритет и интерес е и понатаму да ја зајакнуваме регионалната соработка, заеднички вложувајќи интензивни напори во насока на усогласување на нашите правни рамки, надминување на разликите и развивање остварливи решенија за остварување заедничка иднина во еден просперитетен Регион како дел од просперитетна Европа. 

Би сакал да му упатам честитки на Министерот Филипче за успешното остварување на едногодишниот мандат на нашата земја како Претседавач со ЗМЈИЕ.
 
Уверен сум дека во претстојниот период ЗМЈИЕ ќе продолжи да се здобива со сѐ поголемо значење, како и дека, користејќи ги поддршката и напорите на Секретаријатот на ЗМЈИЕ, Мрежата ќе продолжи да вложува сили и да ги става во употреба нашите заеднички капацитети кои во крајна линија ќе доведат до нови зајакнати облици на соработка во различни области на здравството“.