Царовска: За прв пат воведуваме стипендии за докторанди во земјава, а ја враќаме и поддршката за постдипломците

МОН и Владата одлучија значително да ја променат политиката на стипендирање ученици и студенти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе млади, но и да добијат зголемени месечни износи со кои навистина ќе ја почувствуваат поддршката која државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес. Во таа насока, слушајќи го гласот на оние кои одлучуваат да се надградуваат и на повисоките циклуси на студии на високообразовните установи во земјата, одлучивме за прв пат да воведеме стипендии за докторанди и да ја вратиме поддршката за постдипломците која беше укината пред 10тина години. 

Ова го истакна министерката за образование и наука по денешната средба со претставници на ученичките и студентските организации и асоцијации, а во врска со измените во политиката за стипендирање кои се воведуваат од новата учебна, односно академска година. 

„Направивме измена на програмата за научно – истражувачка дејност на МОН, при што воведени се 50 стипендии за студии од втор циклус во земјата од научно подрачје природно –  математички науки и технички технолошки науки, со месечен износ од 9000 денари за девет месеци во годината, како и 15 стипендии за студии од трет циклус во земјата за истите научни подрачја и соодветни полиња, со месечна стипендија од 18.000 денари за дванаесет месеци во годината. За сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и заинтересираните  навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови за остварување на ова право“, рече Царовска. 

Министерката изрази надеж дека со новата политика на стипендирање, ќе бидат мотивирани многу млади да се заложуваат што повеќе за личен успех и просперитет овде во својата земја, а со тоа ќе помагаат и на домашната економија и воопшто на општеството да оди напред.

Докторските и постдипломските стипендии кои се воведуваат во новата академска година се за студии од научно подрачје природно –  математички науки и тоа за полето биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика, како и студии од технички технолошки науки, конкретно за полињата електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство,  хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство.