06/10/2024
Македонија

Царовска: Финансиската едукација на средношколците е важен аспект на процесот на нивна подготовка за успешен настап на пазарот на трудот

Раната финансиска едукација е од исклучително значење за младите. Тие мора навремено да се запознаат со основните термини, поими и информации врзани за финансиите и економијата, тргувањето со хартии од вредност, менаџирањето со средства и нивно искористување на најефикасен начин, надминувањето на финансиски проблеми и управувањето со ризиците. Со совладувањето на оваа материја учениците стануваат подобро подготвени за успешен настап на пазарот на трудот и за понатамошна едукативна надградба.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната конференција на Комисијата за хартии од вредност и Македонската берза на која двете институции промовираа иницијативи за унапредување на финансиската едукација на учениците, преку воведување на еден изборен теоретски и еден изборен практичен предмет од оваа област во средните стручни училишта. 

„Идеите се одлични и лично за мене како министерка, потребно е унапредување на финансиската едукација во средните стручни училишта. Се разбира неопходно е да се направи дополнителна разработка за евентуална имплементација во некоја од следните учебни години, но целта и на двете иницијативи е навистина добра и во корелација со моите размислувања и генералните политики на Владата и МОН за унапредување на образовниот систем“, рече Царовска, додавајќи дека во следниот период заеднички ќе се направат дополнителни анализи за интересот меѓу учениците, за типот на кадар кој ќе може да предава и за начинот на кој би се вклучиле другите учесници во спроведување на наставата и потоа, како што рече, ќе биде донесена соодветна одлука.

Царовска потенцираше дека развојот на образовниот систем и обезбедувањето на поквалитетна едукација за младите, не е само одговорност на Министерството за образование и наука, туку и на сите општествени чинители – поединци и институции кои се засегнати и можат да помогнат во овој дел и затоа е благодарна што Комисијата за хартии од вредност и Берзата покажуваат иницијатива и се вклучуваат во заложбите за подобри образовни можности за младите во државата. 

Потсети дека особено средното стручно образование било во фокусот на работењето на МОН во изминатата година и во таа насока се креираше заедничка уписна политика со стопанските комори, општините и училиштата која е фокусирана на дуалното образование и која даде исклучително добри резултати. Годинава за 6% е зголемен бројот на ученици запишани во средни стручни училишта споредбено со лани, отворени се 97 дуални паралелки наспроти само 11те кои постоеја во учебната 2020-2021 и во нив се запишани речиси 1400 ученици, а за сите нив МОН обезбеди стипендии во висина од 3500 денари на месечно ниво, исто како и за учениците запишани во тригодишно средно стручно образование и во училиштата каде има машинска, електроно-техничка, угостителско – туристичка и неколку други дефицитарни струки.